Црна хроника
Почина претседателот на Сојузот на спортови на Скопје Ѓорѓи Кузмановски
Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје и основачот на триатлонот во Македонија Ѓорѓи Кузмановски почина на 80-годишна возраст.
Кузмановски беше роден на 15 јануари 1942 година. Уште од најмала возраст тој се вљубува во спортот, прво започнал со тренирање на ракомет во Пелистер Битола, паралелно тренира и фудбал, сè додека не го открие велосипедизмот и тоа да стане примарна цел во неговиот живот.
Неговата љубов кон велосипедизмот и мотоциклизмот ја негува низ целиот живот и желбата да го пренесе неговото знаење за овие спортови во Македонија е од големо значење. Како страстен велосипедист напишал и публикувал три книги посветени на велосипедизмот кои станале драгоцен прирачник за сите кои се занимаваат со овој спорт. Од Велосипедскиот сојуз на Македонија го доби признанието за најдобар спортски работник на 20 век. Како дел од репрезентацијата на мотоциклисти настапувал на девет европски мото рели натпреварувања. Секоја година беше препознатлив симбол за 8 Септември, кога со велосипед поминуваше над 100 километри на различни делници низ Македонија.
Тој низ неговата богата кариера беше дел од повеќе институции во Македонија и поранешната Југославија, како стручен секретар на Сојузот за физичка култура на Македонија и раководител на стручната служба, претседател на Велосипедскиот сојуз на Југославија, тренер на југословенската А репрезентација во велосипедизам, основач на триатлонот во Македонија, иницијатор за обнова на Скопскиот маратон, претседател и основач на триатлон клубот „Софка“, прво генерален секретар, а потоа и претседател на Сојузот на спортови на Скопје, која ја извршуваше сè до неговата смрт. Беше активен член во Боксерскиот и Велосипедскиот сојуз на Македонија.
Зад себе остави семејство кое чекори по неговите стапки, а тоа е љубовта кон спортот и зачувување на неговото дело во светот на спортот во Македонија. Во негова чест Македонскиот олимписки комитет ќе одржи комеморација утре во конференциската сала на СЦ „Јане Сандански“ во 13 часот.
Погребот ќе биде во среда на градските гробиштата Бутел, во капела од 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

