Црна хроника
Приведени пет работници од Турција и Кина во Демиркаписко
Вчера, во 12.30 часот, полициски службеници од Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ во содејство со државен инспектор за труд извршиле контрола на градилиште над село Дрен, Демиркаписко.
„При контролата на градилиштето биле затекнати С. В. (47), А. Х. (33) и А. Р. (60), сите од Република Турција, при што било констатирано дека престојуваат спротивно на целта, односно биле работно ангажирани за фирма од Скопје, без да имаат одобрение за престој врз основа на вработување. Поради сомнение за сторен прекршок по член 217 став 1 од Законот за странците, лицата биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово.
Подоцна, во 12.45 часот, на земјен пат од с. Дрен кон истото градилиште, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово извршиле контрола на патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С. Ц. (34), а сопатник бил М. З. (28), двајцата од Народна Република Кина. Притоа, било констатирано дека двајцата немаат пријавено престој во државата, односно постапиле спротивно на член 190 став 3 од Законот за странците“, соопшти МВР.
Тие исто така биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово. Против турските и кинеските државјани е поднесено барање за поведување прекршочна постапка, а од Основниот суд Неготино изречени им се глоби од 200 евра и мерка за доброволно враќање во рок од седум дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

