Црна хроника
Притвор за велешанец кој им се заканувал на мигранти дека ќе ги убие ако не му дадат 200 евра
Основното јавно обвинителство во Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Велес поради постоење на основано сомневање за разбојништво од член 237 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 9.6.2020 година со патнички автомобил, заедно со дете како сопатник, се движеле во правец од с.Караслари кон Велес при што забележале дека по патот пеш се движат две лица – мигранти. Тој го сопрел автомобилот и им понудил на мигрантите да ги превезе до границата со Србија каде што биле упатени. Кога со автомобилот стигнал до фабриката „Димко Митрев“ околу 19:30 часот, осомничениот побарал мигрантите, по потекло од Авганистан, да му дадат 200 евра. Откако тие не се согласиле, осомничениот им се заканил дека ќе извади оружје и ќе ги убие. Исплашен од упатените закани, еден од оштетените на осомничениот му дал 200 евра, по што осомничениот заедно со детето влегол во автомобилот за да замине. Во тој момент, еден од оштетените мигранти успеал да го одземе мобилниот телефон на осомничениот кој подоцна при пријавувањето на настанот го предал на овластените полициски службеници во СВР Велес.
Со оглед на фактот дека од денот кога го извршил кривичното дело до 21.06.2020 година осомничениот се криел, како и дека постои можност да се даде во бегство, да влијание врз сведоци и да ја попречува истражната постапка, обвинителството до судот поднесе предлог за определување притвор за осомниченото лице. Судија на претходна постапка при Основниот суд Велес го прифати предлогот на обвинителството, па донесе решение со кое на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

