Црна хроника
Уапсени седум возачи на територијата на СВР Тетово за пребрзо возење, регистрирана брзина и од 193 км/час
Вчера полициски службеници од Полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Гостивар при СВР Тетово извршиле контрола за пречекорување на максималната дозволена брзина на движење, при што биле констатирани 128 прекршоци (ТЕ-67 и ГВ-61), извести МВР.
За време на контролата по член 297А – безобѕирно управување на моторно возило од слобода биле лишени седум лица (ТЕ-5 и ГВ-2).
На автопатот Скопје-Тетово, кај наплатна станица Желино, од слобода бил лишен М.Б.(47) од село Челопек, тетовско, затоа што управувал патничко возило „ровер“ со швајцарски национални ознаки со брзина од 178 км/час на место каде што дозволената брзина е 100км/час.
На истото место од слобода била лишена Р.А.(42) од Тетово, која управувала патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски таблички со брзина од 172 км/час. Исто така, кај наплатната станица Желино од слобода бил лишен А.А.(33) од село Раковец, затоа што управувал патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски таблички со брзина од 193 км/час.
На автопатот Скопје-Тетово, кај местото „Студена вода“ од слобода бил лишен В.З.(24) од село Желино, тетовско, затоа што управувал патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки со брзина од 179 км/час на место каде што дозволената брзина е 100 км/час и С.Ш.(30) од Тетово затоа што управувал патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 177 км/час. Додека, на патот Тетово-Гостивар, кај наплатна станица Гостивар, од слобода бил лишен А.М.(42) од Скопје затоа што управувал патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 171 км/час на место каде што е дозволено 80 км/час и Н.Б.(54) од Охрид затоа што управувал патничко возило „фолксваген пасат“ со охридски регистарски таблички со брзина од 165 км/час.
Лицата биле задржани во полициска станица и по документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297а од Кривичниот законик, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Вработен во фабрика за медицински канабис во Охрид фатен со дрога
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.П.(42) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
Според информациите на МВР, при излез од фабрика за производство на медицински канабис во Охрид, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што кај него бил пронајден и одземен хашиш.
Црна хроника
Ограбено финансиско друштво во Гази Баба, разбојникот ја скршил влезната врата
Разбојник ја скршил влезната врата на финансиско друштво во Скопје, влегол внатре и украл пари.
Вчера околу 05:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 19:00 часот на 09.02.2026 до 04:40 часот на 10.02.2026 со употреба на сила и подесен алат е скршено стакло од влезна врата на објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по што е влезено внатре и се одземени пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Возач удри жена на улица во Скопје и побегна, МВР го пронајде
Вчера нешто пред 17 часот, на улицата Његошева во Скопје се случи сообраќајна несреќа во која 69-годишната В.Д. заврши со телесни повреди.
Возилото што ја удрило било „рено“ со скопски регистарски таблички, а зад воланот бил 46-годишниот А.С. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот – според пријавата во СВР Скопје – побегнал од местото на настанот.
Повредената жена била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите ѝ констатирале телесни повреди. Полицијата веднаш презела мерки за лоцирање на возачот, кој бил пронајден и со него бил извршен службен разговор.
Според информациите од СВР Скопје, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

