Црна хроника
42-годишник фатен на дело при изнуда: се заканувал дека ќе го истепа или ќе го убие ако не добие пари од оштетениот

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од август 2024 година до септември 2024 година и повторно од март до средината на септември годинава, осомничениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сериозна закана присилувал еден оштетен да му исплаќа пари.
Жртвата за првпат ја исконтактирал во август 2024 година кога му побарал и добил од оштетениот парична донација за учество на спортски натпревар. Но, по оваа средба, повторно го контактирал и барал пари од оштетениот за исплата на наводен долг кон трето лице, без притоа да наведе износ.
Оштетениот најпрво го игнорирал ваквото барање, појаснувајќи дека не должи никому, но тогаш осомничениот започнал да му испраќа СМС пораки, гласовни пораки, пораки преку социјалните мрежи и преку познати лица со сериозни закани дека ќе го нападне физички или ќе го убие ако не ги добие парите.
Осомничениот 42-годишник не престанал со јавувања и вознемирување на оштетениот, кој конечно се исплашил за себе и за своето семејство и прифатил да му даде парични средства на осомничениот, но тој да вети дека ако добие еднаш повеќе нема да бара пари од него. Во тој момент осомничениот побарал износ од 2.000 евра од оштетениот за наводно да ги однесе своите внуци од брат на одмор.
По пријава од оштетениот, истражители од Истражниот центар на ОЈО Битола во соработка со СВР Битола, изготвија план за контролирана испорака на паричните средства. Била договорена средба во деловните простории на правното лице каде оштетениот е управител. Осомничениот на средбата ги презел парите кои биле претходно крим – технички обработени. Веднаш потоа бил претресен од полициски службеници, парите биле пронајдени кај него, а тој бил лишен од слобода.
Станува збор за прва целосна оперативна акција на Истражниот центар на ОЈО Битола, реализирана во соработка со СВР Битола. Истражниот центар официјално започна со работа на 1 август годинава.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Жена од тетовско измамена за 500 евра со лажно ветување за социјална помош

59-годишна жена од тетовско село пријавила во полицијата дека била измамена од две лица, меѓу кои и Х.„Н“ од тетовско.
Според пријавата, во текот на 2024 година тие ја довеле во заблуда со ветување дека ќе ѝ обезбедат примање на социјална помош – надомест за туѓа нега, за што таа им платила 500 евра. Жената подготвила и цела документација, но на крајот на 2024 година добила официјално решение со кое нејзиното барање било одбиено.
Како што дополнително пријавила, таа ги известила измамниците за одбивањето, но тие продолжиле да ја убедуваат дека набргу ќе ги добие парите. По извесно време го прекинале контактот со неа, по што сфатила дека е измамена.
Случајот е пријавен во полиција, а надлежните органи преземаат мерки за целосно расчистување на измамата.
Црна хроника
Возачот му ветил дека ќе плати за болничките трошоци, но не исполнил – тротинетистот со задоцнување го пријавил настанот

Дваесетгодишен скопјанец впријавил дека на 1 септември годинава учествувал во сообраќајна несреќа во Шуто Оризари, во која се судриле патничко возило „мерцедес“ и електричен тротинет што го управувал тој.
При несреќата младиот тротинетист се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Според неговата пријава, со возачот на автомобилот постигнал договор да му плати за болничките трошоци, но тоа не било сторено, поради што со задоцнување го пријавил настанот во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот на автомобилот и целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Уапсени две лица од Струга и Струшко, осомничени за физички напад и пукање од огнено оружје, следува пријава

Вчера во 23:00 часот, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода А.К.(29) од Струга и на 17.09.2025 околу 11:00 часот го лишија од слобода Л.К.(34) од струшкото село Велешта во врска со кривично дело „убиство“ во обид по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Тие, претходно на улица „ЈНА“ во Струга, со метални предмети ги нападнале Б.А.(52) и 17-годишно лице, двајцата од дебарското село Џепиште, по што Л.К. со пиштол испукал неколку куршуми кон Б.А. и избегал.
По преземени мерки, двајцата се пронајдени и лишени од слобода. Повредениот, со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Општата болница во Струга каде се констатирани тешки телесни повреди. По целосно расчистување и документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.