Економија
Агенцијата за супервизија: Одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае на стабилноста на осигурителниот пазар
Во врска со објавената вест дека НБРСМ ја одзела дозволата за работа на Еуростандард банка АД Скопје, Агенцијата за супервизија на осигурувањето ја информира јавноста дека осигурителниот пазар останува стабилен и развојот на настаните околу гореспоменатата банка нема да влијаат негативно врз ликвидноста и солвентноста врз работењето на осигурителните компании.
„Фактите велат: според последните податоци, вкупната актива на осигурителниот сектор изнесува 26,4 милијарди денари. Осигурителниот сектор го сочинуваат 16 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а пет вршат работи на осигурување живот. Само четири друштва за осигурување имаат парични средства и депозити во Еуростандард банка, а вкупната вредност изнесувала 31 милион денари, што претставува 0,1 % од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор.
Средствата што осигурениците ги уплатиле по основ на премии во друштва за осигурување се вложени во инструменти и пласмани почитувајќи ги принципите на диверзификација и нивната вредност на 30.6.2020 година изнесува 14.742.452.987 денари. Во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се наоѓаат 4.691.078.198 денари, што е околу 32 % од вкупната вредност на сите вложувања што друштвата за осигурување ги направиле од средствата на осигурениците. Од овој износ,, во Еуростандард банка на 30.6.2020 се наоѓаат пласмани на две друштва за осигурување во вкупен износ од 24.446.041 денар, што претставува 0,5 % од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки“, се вели во соопштението.
Според агенцијата, вкупната вредност на средствата со кои располагаат друштвата за осигурување, а се од други извори, односно капитал и други обврски, изнесува 11.645.170.177 денари. Од нив, во депозити во банки и парични средства на сметки во банки се 1.485.690.994 денари или речиси 13 %. Од овој износ, 6.624.875 денари се вложени од страна на две друштва за осигурување во Еуростандард банка, што претставува 0,4 % од вкупната вредност на вложувањата во депозити во банки и парични средства на сметки во банки.
„Во текот на 2019 година АД за осигурување ‘Еуролинк’ – Скопје доби нов сопственик, односно австриската осигурителна група ‘Граве’ од Грац ги купи сите акции издадени од ова друштво за осигурување од претходниот сопственик, кој е сопственик на банката. Оттука, ова друштво за осигурување не е во сопственичка поврзаност со банката и не постои ризик од пренесување на обврските од банката на друштвото за осигурување.
Заклучокот што се добива од изнесените факти ја потврдува констатацијата дека не постои никаков ризик дека отворањето стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту, пак, ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

