Економија
„Алкалоид“ со 80 нови вработувања во периодот јануари – јуни

„Алкалоид“ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2019 година, покажуваат неревидираниот единичен и неревидираниот консолидиран биланс на успех.
Според единичниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни продажбите достигнуваат 4.138.296.380 денари, што е 13 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 846.016.625 денари, бележи зголемување од 21 отсто, единичната нето-добивка изнесува 476.943.692 денара и таа е зголемена 19 отсто.
Во периодот јануари – јуни вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.527.969.892 денара, што е 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени 6 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен 21 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 34 отсто се остварени на домашен пазар, а 66 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 отсто и на другите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 208.941.531 денар, што е 3 пати повеќе од лани и Русија со продажби од 349.136.633 денари, што претставува раст од 95 отсто во споредба со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Германија – раст од 49 отсто, Бугарија – раст од 32 отсто, Украина – раст од 31 отсто, Романија – раст од 27 отсто, Чешка – раст од 26 отсто, САД – раст од 15 отсто, Косово – раст од 15 отсто, Србија – раст од 12 отсто, Црна Гора – раст од 11 отсто, Словенија – раст од 9 отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 86 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 22 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 15 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно – хемија учествува со 3 отсто, козметика со 8 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 865.953.790 денари, бележи раст од 22 отсто, а нето-консолидираната добивка во износ од 460.762.242 денара е зголемена исто така 22 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2019 година изнесуваат 421.718.320 денари.
Во периодот јануари – јуни 2019 година во „Алкалоид“ се реализирани 80 нови вработувања во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.