Економија
Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот сектор и натаму е отпорен и обезбедува солидна поддршка за компаниите и домаќинствата

Македонските банки, добро капитализирани и ликвидни, се соочија со неколкуте кризи во изминатиот период. Нивната отпорност на кризата се должеше на нивните зајакнати биланси уште во претпандемичниот период. Народната банка и натаму ја јакне отпорноста на банкарскиот систем и во постпандемичниот кризен период, воведувајќи макропрудентни мерки. И покрај големата претпазливост и монетарното затегнување, банкарскиот сектор и во изминатиот период им обезбедува солидна кредитна поддршка и на компаниите, и на домаќинствата, со раст од околу 10% минатата и 6% годинава, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во својата дискусија на Банкарскиот самит на Здружението на банките во Србија, којшто се одржа во Белград.
На панел-дискусијата посветена на актуелностите и предизвиците на банкарскиот сектор од перспектива на регулаторите, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека доколку затегнувањето на монетарната политика е брзо, агресивно и следи по долг период на олабавена монетарна политика и ако макропрудентната и супервизорската регулатива се послаби, тоа може да има значително влијание врз стабилноста на банкарскиот сектор. Оттаму, и покрај тоа што домашниот банкарски сектор влезе силен во кризниот период, Народната банка и натаму е претпазлива и ја јакне отпорноста на системот преку макропрудентни мерки. Гувернерката го истакна воведувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и мерките за квалитет на кредитобарателите. Зборувајќи за показателите за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска истакна дека во изминатите неколку години адекватноста на капиталот се зголеми, а квалитетот на капиталот го има достигнато историски највисокото ниво, додека ликвидноста е традиционално висока, при што кај депозитната база се забележува раст на долгорочните депозити и на депозитите во денари, додека квалитетот на активата е подобар во споредба со предпандемичниот период.
Зборувајќи за среднорочните и долгорочните предизвици за банкарскиот сектор, гувернерката Анегловска-Бежоска истакна дека покрај геоекономската фрагментација, значаен ризик и натаму се климатските промени. Кога станува збор за македонскиот банкарски сектор, повеќе од половината од вкупната кредитна изложеност на банките кон компаниите е кон секторите коишто се чувствителни на климатските политики. Оттаму, централната банка презема повеќе активности за справување со ризиците од климатските промени, меѓу кои е и носењето на среднорочниот план на активности, како и донесувањето на насоките за банките за вклучување на климатските ризици во нивната рамка за управување со ризиците. Инаку, зелените кредити во изминатите четири години се зголемија за повеќе од двапати во вкупното кредитно портфолио на банките.
На панел-дискусијата на која говореше гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерката на Народната банка на Србија, гувернерот на Народната банка на Хрватска, вицегувернерот на централната банка на БиХ, претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Србија, како и директорот на супервизијата на централната банка на Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.