Економија
Ангеловска-Бежоска и Ангелов: Економската активност во првата половина од годината се совпаѓа со проекциите на Народната банка

Бруто-домашниот производ, во првата половина од оваа година, оствари раст којшто речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка, поттикнат и од кредитната поддршка од банкарскиот сектор. Се очекува натамошно постепено закрепнување на економијата, што во голема ќе зависи од закрепнувањето на нашите најзначајни трговски партнери, што, пак, е условено главно од ризиците поврзани со епидемиолошката состојба. За ова беше разговарано на работната средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Ангел Ангелов, и со генералниот конзул на Република Бугарија во Битола, Димитар Иванов. На средбата стана збор за општата економска состојба, како и за мерките коишто се преземаат за поттикнување на економската активност.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека состојбите во македонската економија, како високо отворена економија, во голема мера зависат од движењата во еврозоната и во Германија, којашто е наш главен трговски партнер. Со оглед на проекциите на ЕЦБ за нивно натамошно закрепнување, се очекува дека тоа позитивно ќе влијае и врз нашата економија. Гувернерката се осврна и на состојбата на македонската економија годинава, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата. Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2%, што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4%). Согласно со последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво на почетокот на 2022 година.
Во однос на монетарната политика во услови на пандемија, гувернерката посочи дека од особено значење за нејзиното олабавување е комфорното ниво на девизните резерви, а во тој контекст, и пристапот до девизна ликвидност овозможен за првпат преку репо-линијата одобрена од страна на Европската централна банка. Иако Народната банка немаше потреба од користење на средствата, сепак подготвеноста на Европската централна банка значително придонесе за одржување на стабилноста на домашната валута при променливи пазарни движења во текот на здравствената криза.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата, за што говори и растот на депозитите и солидниот кредитен раст. Исто така, добрите остварувања на банките и претпазливите регулаторни барања во изминатиот период овозможуваат соодветна капитализираност на банкарскиот систем и негова подготвеност за справување со предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.