Економија
Ангеловска-Бежоска: Подобриот пристап до финансии е важен за инклузивен раст за регионот на Западен Балкан
На покана на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерката на централната банка на Босна и Херцеговина, Јасмина Селимовиќ и регионалната директорка на ЕФСЕ, Мјера Јузбашиќ- Бајгориќ се обрати на конференцијата „Родови финансии во Западен Балкан“.
Градењето еднакви можности во однос на родовата димензија, каде за жал сè уште постојат големи разлики, бара проактивни и координирани глобални напори на носителите на макроекономски политики. Со поддршка од меѓународните и европските институции, вклучително и Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), можат да се направат важни чекори за подобар пристап до финансии и финансиската инклузивност на жените во земјите од Западен Балкан, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на конференцијата „Родови финансии во Западен Балкан“.
На конференцијата беше презентирано истражувањето спроведено од ЕФСЕ за родовото финансирање во земјите од Западен Балкан, во чиј заклучок се наведува дека треба да се поттикнат финансиските институции да ги таргетираат жените инвеститори, сопственички на мали и средни претпријатија, оние со претприемачки дух кои се отворени и кон користење на нови иновативни технологии, бидејќи тоа може да биде значајно и за успешното работење на овие претпријатија, како значаен генератор во економиите.
Гувернерката Ангеловска – Бежоска истакна дека пристапот до финансирање е важна детерминанта за развојот на претприемаштвото кај жените, кое е послабо во регионот, а тоа го потврдуваат и податоците за родовата структура на сопственоста на малите и средни претпријатија.
„Во регионот на Западен Балкан процентот на сопственост на ММСП од страна на жени е мал и се движи помеѓу 20-30%. Во нашата земја жените се сопственици на 23 % од ММСП, во Србија 33% во БиХ 24%, а во Косово 17 %. На глобално ниво, овие компании вработуваат повеќе од две третини од работната сила, сочинуваат 95%-98% од вкупната деловна активност и генерираат околу половина од глобалниот БДП“, истакна гувернерката. Оттаму неопходни се повеќе активности за надминување на пречките за жените во рамки на институционалните, регулаторните, образовните и социјалните стандарди за да се овозможи посилна економска и финансиска вклученост на жените во економијата.
И последната анкета на ММФ, покажува дека родовиот јаз во пристапот до финансиите е континуирано присутен и се одржува на значајно ниво, што ги одразува бројните родови бариери, вклучително и тие од структурна природа, како што се низата правни и регулаторни ограничувања, социјалните норми и пониската вклученост на жените на пазарот на труд. Во нашата земја околу 55% од вкупниот број кредитокорисници се мажи, а 62% од вредноста на кредити на население отпаѓа на мажи, иако динамички гледано има одредено подобрување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

