Економија
Ангеловска – Бежоска: Потребно е да се работи на натамошно јакнење на кибер-безбедноста на финансискиот сектор
Во изминативе години централните банки и другите финансиски регулатори значајно ги интензивираа напорите за унапредување на кибер-безбедноста во финансискиот сектор. Но, контекстот што го наметнува ковид-кризата создава простор за зголемување на нападите од безбедносниот простор, заради што на глобално ниво е потребно да се работи на натамошно јакнење на механизмите за заштита на финансискиот сектор од овој ризик. Ова беше повод и тема на е-состанокот на гувернери на централни банки организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), на којшто активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Како што беше нагласено на состанокот, условите за работа по избувнување на пандемијата на Ковид-19, вклучително и работењето од дома, резултираат со поголем број кибер-напади во финансискиот сектор. Согласно спроведената анкета (FS-ISAC), во глобални рамки, овие напади биле помалку од 5.000 неделно во февруари, но се зголемиле на 200.000 неделно кон крајот на април оваа година, а и дополнително пораснале за една третина во периодот мај-јуни споредено со периодот март-април. Учеството на кибер-инцидентите кај банките, како вид на оперативен ризик, сепак е релативно мало во споредба со вкупниот оперативен ризик, но се зголемува. Во напорите за држење на овие ризици под контрола клучна е супервизорската рамка.
„Состојбата во нашата земја во поглед на кибер-нападите постојано се унапредува во изминативе години, при што се донесе и посебна подзаконска регулатива со којашто се бара од банките да ги унапредат сигурносните стандарди. Притоа, од банките се бара да обезбедат соодветно ниво на подготвеност од заканите од дигиталниот простор, како за меѓубанкарските плаќања, туку за сите други финансиски активности што ги извршуваат. Во тој контекст исклучително важно е што нашиот банкарски систем е усогласен со сигурносните стандарди за СВИФТ. Истовремено, во изминатите години се презедоа и низа активности за заштита од сајбер-напади на другите сегменти на финансискиот сектор“, вели гувернерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Државата воведува ред во енергетиката, усвоен Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа прес-конференција на која министерката Сања Божиновска ги презентираше Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Во рамки на Годишниот план за 2026 година, до Министерството беа доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година, со рок за поднесување до 01.10.2025, согласно Законот за енергетика. По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа по принципот „прв дојден – прв услужен“, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност поголема или еднаква на 1 MW.
Прифатените проекти опфаќаат:
· 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014,103 MW и проценета инвестиција од 2.109.872.100 евра,
· 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 907,7 MW и инвестиција од 1.180.010.000 евра,
· 1 когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW и инвестиција од 445.500.000 евра.
Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со Планот изнесува 4.416,803 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.382.100 евра.
Значаен сегмент од Планот се системите за складирање на електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем. Во Планот се опфатени:
· 77 интегрирани складишта во склоп на постоечки или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389,68 MW и капацитет за складирање од 3.465,96 MWh,
· 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637,518 MW и капацитет од 1.494,746 MWh.
Вкупно, Планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW, капацитет од 4.960,706 MWh и проценета инвестиција од 1.984.282.400 евра.
Дополнително, во Годишниот план се вклучени и 56 енергетски објекти од општинските енергетски планови доставени од 7 единици на локалната самоуправа – Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Станува збор за фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 51,8795 MW, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,6792 MW и капацитет од 117,56 MWh, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
Во Планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–Интегралната студија, која согласно Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, N–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции.
„Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката“, нагласи Божиновска.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,77% во однос на одлуката од 26.1.2026 година.
Од 3.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,885 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,786 ден/кг и сега ќе изнесува 33,885 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,433%, кај дизелот за 4,757%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 3,829% и кај мазутот зголемувањето е за 5,973%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,6498%.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

