Економија
Ангеловска – Бежоска: Потребно е да се работи на натамошно јакнење на кибер-безбедноста на финансискиот сектор

Во изминативе години централните банки и другите финансиски регулатори значајно ги интензивираа напорите за унапредување на кибер-безбедноста во финансискиот сектор. Но, контекстот што го наметнува ковид-кризата создава простор за зголемување на нападите од безбедносниот простор, заради што на глобално ниво е потребно да се работи на натамошно јакнење на механизмите за заштита на финансискиот сектор од овој ризик. Ова беше повод и тема на е-состанокот на гувернери на централни банки организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), на којшто активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Како што беше нагласено на состанокот, условите за работа по избувнување на пандемијата на Ковид-19, вклучително и работењето од дома, резултираат со поголем број кибер-напади во финансискиот сектор. Согласно спроведената анкета (FS-ISAC), во глобални рамки, овие напади биле помалку од 5.000 неделно во февруари, но се зголемиле на 200.000 неделно кон крајот на април оваа година, а и дополнително пораснале за една третина во периодот мај-јуни споредено со периодот март-април. Учеството на кибер-инцидентите кај банките, како вид на оперативен ризик, сепак е релативно мало во споредба со вкупниот оперативен ризик, но се зголемува. Во напорите за држење на овие ризици под контрола клучна е супервизорската рамка.
„Состојбата во нашата земја во поглед на кибер-нападите постојано се унапредува во изминативе години, при што се донесе и посебна подзаконска регулатива со којашто се бара од банките да ги унапредат сигурносните стандарди. Притоа, од банките се бара да обезбедат соодветно ниво на подготвеност од заканите од дигиталниот простор, како за меѓубанкарските плаќања, туку за сите други финансиски активности што ги извршуваат. Во тој контекст исклучително важно е што нашиот банкарски систем е усогласен со сигурносните стандарди за СВИФТ. Истовремено, во изминатите години се презедоа и низа активности за заштита од сајбер-напади на другите сегменти на финансискиот сектор“, вели гувернерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.