Економија
Ангеловска: Преку алатката за јавниот долг ќе се бориме против погрешното информирање
Од денес граѓаните имаат можност да се информираат за јавниот долг преку новата алатка за транспарентност javendolg.open.finance.gov.mk, која ја изработи Министерството за финансии со поддршка на ИРИ и УСАИД. На страната детаљно се прикажани долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за 2020 и како ќе се финансира.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на јавната презентација на платформата посочи дека преку целосна фискална транспарентност граѓаните ќе може да ги препознаат непотполните и лажни вести кои се злоупотребуваат за политичко поентирање.
„Силно се залагам за фискална транспарентност и едукација на даночните обврзници, граѓаните за јавните финансии, клучните буџетски документи, што сметам дека е особено важно за млади демократии како нас. Без разлика на економското познавање на граѓаните, податоците се прикажани и систематизирани на едноставен и разбирлив начин сè со цел да бидат јасни за широката публика. Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите што постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а воедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација на широката јавност“, рече министрката Ангеловска.
Платформата се состои од пет дела: јавниот долг и компонентите од кои се состои, движењето на долгот по години, финансирањето на јавниот долг во 2020, издавањето хартии од вредност и едукативен дел.
На страницата се достапни податоци за средствата што ќе се повлекуваат на домашниот и странскиот пазар во текот на 2020 година, но и дека треба дома и во странство да се отплатат стари долгови во износ од над 700 милиони евра.
Во насока на зголемување на фискалната транспарентност, на платформата се објавуваат податоци, кои претходно не биле објавени, како долгот на јавните претпријатија за секое одделно, како и очекуваното задолжување, раздолжување на претпријатијата во 2020 година.
Исто така, детаљно се објаснети инструментите за финансирање на долгот – државните хартии од вредност и еврообврзниците.
Платформата е достапна на македонски, англиски и на албански јазик, таа ќе се ажурира на месечно и тримесечно ниво во согласност со објавата на разни категории податоци. Инаку, ова е трета алатка за транспарентност пуштена од страна на Министерството за финансии во последната половина година по „Отворени финансии“ и „Реализација на капитални расходи по буџетски корисници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

