Економија
Ангелоски: Веднаш да се укинат компликуваните процедури за вградување обновливи извори
Заштита од ценовните шокови е можна со зголемување на домашното производство и на енергенти и на прехранбени производи, смета Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори.
Неговиот став е дека и покрај кризата има можност за зголемување на производството, а како клучна пречка за ги посочи долгите и сложени процедури за инсталирање опрема за обновливи извори, кога се работи за енергенти.
„Имаме апсолутно барање, реакција веднаш за укинување на комплицираните процедури за добивање дозволи за инсталирање опрема за обновливи извори. Компаниите можат еден добар дел од своите енергетски потреби дури и сами да го задоволат. Навистина нема потреба да имаме толку сложени процедури во кои губиме време по општини за добивање градежни дозволи по институции, разно-разни документи и така натаму. Во моментов мислам дека таа процедура е на ниво од 60 до 90 дена. За нас е несфатливо на обезбедена опрема, на можност да ја монтирате и еден добар дел од сметките да ги супституирате на тој начин, банките тука навистина излегоа во пресрет, нудат кредити за обновливи извори, ние сме некако закочени во тие административни процедури. Бирократските процедури се непотребен елемент“, вели претседателот Ангелоски и нагласува дека оние кои можат да инвестираат во такви проекти ќе се заштитат од ценовни шокови.
Сојузот веќе добил најава за олеснување на процедурите, но бараат и дела за да се зголеми процентот на искористена енергија од обновливи извори, која кај нас сега изнесува само 1 отсто.
Растот на цените кај нас од вчера и острите реакции Ангелоски објаснува дека се резултат на враќањето на вообичаеното ниво на даночните стапки, намалени или укинати поради украинската криза. Сојузот очекувал враќањето да оди постепено, но Владата одлучила тоа да се случи наеднаш па од тука се реакциите во јавноста.
Ангелоски вели дека на глобално ниво цените на металите и прехранбените производи се стабилизирани, а за енергентите не може да се претпостави во кој правец ќе се движат, но јасно е дека е потребно зголемување на домашното производство.
„Кога сме кај енергетиката и кај прехранбените производи сакаме да апелираме, доколку сакаме да се заштитиме од вакви ценовни шокови, треба да одиме во еден правец. Правецот се вика домашно производство и на енергенти, колку може повеќе и на прехранбени производи. На тој начин би можеле шоковите да бидат помали и целата ситуација да ја држиме некако под контрола“, рече Ангелоски.
Кризата, според Ангелоски е шанса да докажеме колку земјоделски и прехранбени производи можеме да произведеме, имајќи предвид дека Македонија е земјоделска земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

