Економија
Арсовска: Зголемен пласман на македонските производи ќе го помогне економскиот раст
Затворањето на економијата и ограниченото движење поради рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот ја предизвика најдлабоката рецесија на економија за што е показател падот од 12,7 отсто на бруто домашниот производ. Иако, намалување се бележи во речиси сите носечки структурни елементи на БДП, сепак евидентен е падот на извозот на стоки и на услуги кој во номинална вредност изнесува 32 отсто и падот на увозот каде намалувањето е 30.2 отсто, велат од Сојузот на стопанските комори.
Во извештаите на Светската банка, нотирано е дека во услови на пандемија во балканските земји се поизразен е проблемот на загуби од над една милијарда американски долари годишно заради застој на граничните премини. Долгото време на чекање ги зголемува трошоците, ја намалува конкурентноста на учесниците во меѓународната трговска размена, увозно-извозните претпријатија и транспортните компании.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска потенцира дека во услови на криза развојот на земјата е лимитиран и во таа насока за побрзо опоравување ќе придонесе зголемување на извозот поради што е потребно да се даде поддршка на македонските извозно ориентирани претпријатија.
„Задржување на пласманот на производите и услугите на домашните извозно ориентирани претпријатија кои имаат докажан квалитет во своето работење е од голема важност за поддршка на економски раст кој го очекуваме со стабилизирање на состојбата по кризата. Поради пандемијата евидентен е негативниот ефект врз побарувачката на пазарите во ЕУ, каде се и нашите најголеми трговски партнери, а тоа се рефлектира и на работата на нашите производствени капацитети. И покрај кризата и отежнатото функционирање, намалената продажба и потешкотиите во производството и логистиката, голем дел од извозно ориентираните капацитети не ги затворија своите погони и континуирано работат. Она што е потребно во моментот е да не ги изгубат пласманите и да ги задржат воспоставените позиции. Доколку се случи откажување на договорите, потребно е да им се овозможи да склучат нови договори со потенцијални партнери заинтересирани да работат и соработуваат со Македонија. Во таа насока треба да се размислува и за потпишување на договори за слободна трговија, за ослободување од двојно оданочување со земји каде постои потенцијал за зголемување на трговската размена. Важно е да не се дозволи надворешно трговскиот економски тек да прекине“, вели Арсовска.
Во таа насока Сојузот на стопански комори на Македонија апелира за надминување на бариерите, олеснување на протокот низ границите преку поедноставување на царинските формалности.
„Нашиот фокус треба да биде насочен кон креирање добра стратегија за надминување на потешкотиите во меѓународната економска соработка, со стратешки пристап особено со оглед на тоа дека ние сме мала земја со голем трговски дефицит. Потребно е да се обезбеди непречен проток при извоз на граничните премини“, потенцира претседателот на ССК.
Согласно обемот на трговската размена топ десет најголеми трговски партнери на Македонија се Германија, Велика Британија, Србија, Грција, Кина, Бугарија, Италија, Турција, Унгарија и Романија. Голем дел од овие земји регистрираа историски пад на БДП во последниот квартал. Меѓународните економски односи континуирано се важни за опстојување, раст и развој на националната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

