Економија
АСОМ: Строго се почитува забраната за малолетници од законот за игрите на среќа – дистанцата од 500 метри е нелогична и неприфатлива
Претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), Вaско Илијевски во денешното гостување во емисијата „Утрински Брифинг“ ги изнесе ставовите на Асоцијацијата во врска со предлог измените на Законот на игрите среќа.
Осврнувајќи се на предложената дистанца од 500м на спортските обложувалници од образовните институции, тој истакна дека доколку се донесе ваков закон, тоа ќе значи крај на легалното приредување на игри на среќа и оставање на улица на повеќе од 3.500 луѓе коишто се директно вработени во спортските обложувалници и повеќе од 8.000 луѓе вработени во целата стопанска гранка.
„Дистанцата од 500м којашто е предвидена е апсолутно нелогична и неприфатлива. По сите анализи коишто ги направивме, тоа значи затворање на повеќе од 98% од деловните објекти што постојат во моментов и автоматски, сите вработени кои моментално работат остануваат без егзистенција, остануваат на улица. Гасење на легалната индустрија на игрите на среќа индиректно го отвора патот на нелегалното обложување, сива економија и црн пазар“, предупреди Илијевски.
Анализите кои ги има направено АСОМ покажуваат дека дислокацијата на деловните објекти е практично невозможна, заради структурата на градовите во земјата.
„По сите опсежни анализи кои ги направивме, можност за дислокација нема, што дефинитвно значи затворање на спортските обложувалници. Ваквиот закон е исклучително контрадикторен бидејќи наводно има за цел да ја унапреди индустријата, да ги заштити играчите и да го зголеми приходот во буџетот, но доколку се затворат објектите, парите од даноците ќе ги снема, државата ќе изгуби некаде, по наши проценки, околу 250 милиони евра на годишно ниво коишто се слеваат во буџетот. Тоа е несфатливо, особено во услови на ваква економска криза во која се наоѓаме. Пред сè, поради Ковид-кризата нормално, стопанството работи со намалени капацитети, се работи со скратено работно време и сето ова ќе придонесе до „економско цунами“ во нашата држава“, изјави Илијевски и истакна дека измените на Законот се направени без опсежни анализи бидејќи не може да се затворат објектите, а да се очекуваат поголеми вработувања или поголеми приходи во буџетот на државата.
Во однос забраната за учество на малолетници во игрите на среќа, Илијевски истакна дека постоечкиот закон целосно ја регулира забраната за малолетници и дека законот се спроведува во целост и без компромиси.
„Еден од аргументите којшто се потенцира постојано е дистанцата како превенција од учество на малолетници во игрите на среќа. Морам да истакнам дека и сегашниот Закон за игри на среќа е одлично срочен, направен е на база на европските закони кадешто стриктно, во член 20 од законот е предвидено забранет влез и учество на малолетници во објектите кадешто се приредуваат игри на среќа. Тоа апсолутно се почитува и се спроведува доследно, на начин што доколку некое лице кое се обидува да влезе во објектот или влегува во објектот делува малолетно, му се бара документ за лична идентификација. Доколку лицето не поседува таков документ, се замолува веднаш да го напушти објектот, така што, апсолутно, малолетници во објектите за игри на среќа, пред сè во обложувалниците нема и немаме потреба да има“, појасни Илијевски.
Претседателот на АСОМ потсети дека спортските обложувалници беа меѓу првите затворени минатата година со рестриктивни мерки за превенција од Ковид, а сите вработени ги задржале своите работни места.
„Минатата година два месеци бевме затворени. Заврши 2020 година, во моментов се прават анализите да видиме како поминала годината, меѓутоа, морам да потенцирам дека и покрај сите тие потешкотии, помошта што ја даде државата за исплата на плати, успеавме да ги задржиме сите вработени, редовно земаа плати, така што успеавме да ја пребродиме и таа тешка година. Кризата сè уште трае, така што, се надевам дека со добри законски решенија и со добро и квалитетно работење ќе можеме да ја пребродиме и оваа ситуација“, истакна Илијевски.
На крајот Илијевски заклучи дека и покрај многуте предлози на АСОМ за европски закон доставени до Министерството за финансии и Владата, досега не добиле одговор. Инсистираат на конструктивна дебата, да се соочат аргументите и да се најде соодветно решение во интерес на сите.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

