Економија
Бежоска – Гир: Усогласеноста со стандардите на ЕУ во сферата на монетарната политика е важна за напредокот на земјата
Позитивните оцени за Народната банка изнесени во годишниот извештај од Европската комисија за напредокот на земјата во 2020 година и за напредната усогласеност со барањата на Европската Унија (ЕУ) во сферата на монетарната политика и законодавството од оваа сфера се многу важни за напредокот на земјата на патот кон ЕУ. Усогласувајќи се со европските стандарди, Народната банка покажува цврста решеност и подготвеност за натамошно пристапување кон Европскиот систем на централните банки. Во остварувањето на овие стратегиски цели, Европската комисија (ЕК) и многу централни банки од ЕУ ја поддржаа Народната банка преку значајни проекти, техничка помош и активности за јакнење на капацитетите.
Функционалната и институционалната независност се неопходни барања на секоја централна банка во ЕУ. Овие принципи што се опфатени во законот треба да се применуваат целосно во земјата. Ова се дел од заклучоците од првата работна средба на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со новиот шеф на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.
На средбата се разговараше и за предизвиците за економијата по избувнувањето на ковид-кризата, при што беше посочено на важноста на поддршката добиена од ЕУ, вклучително и преку макрофинансиската поддршка добиена од ЕУ неодамна. Како што беше истакнато, за овозможувањето поддршка од ЕУ клучни се и позитивните оцени за работењето на Народната банка и за нејзината поставеност во текот на ковид-кризата. Според оцените на ЕУ, во текот на актуелната глобална криза, Народната банка покажа дека е подготвена за максимално користење на монетарните инструменти, кои се клучни за одржување на макрофинансиска стабилност, која е неопходна за побрзо заздравување на економијата во посткризниот период. Како што е истакнато и во извештајот на ЕК, Народната банка реагира бргу, со целни мерки за поддршка на економијата, како преку инструментите на монетарната политика така и со промените во регулаторната рамка.
Соговорниците напоменаа дека е исклучително важна и поддршката што Народната банка ја доби од Европската централна банка (ЕЦБ) преку пристапот до девизна ликвидност во евра, овозможен првпат, кој може да се користи доколку е потребно, што е дополнителна потврда за подготвеноста на Народната банка за успешно одржување на макрофинансиската стабилност. Со пристапот до девизна ликвидност обезбедена од ЕЦБ, Народната банка доби уште поголем простор за брзо и ефикасно дејствување во случај на остварување негативни ризици поврзани со ковид-кризата, што како што беше кажано на средбата, може да биде особено важно за јакнењето на финансиската стабилност на земјата.
На средбата се разговараше и за проектните активности што ги спроведува Народната банка со поддршка од ЕУ, меѓу кои особено се издвојува твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централните банки“. Гувернерката и амбасадорот на ЕУ искажаа заемно задоволство за спроведувањето на проектот. Досегашните остварувања овозможуваат простор и за натамошни проекти преку кои ЕУ ќе ги поддржува определбите на Народната банка за постојано следење на најновите и највисоки европски стандарди и регулативи.
Во завршницата на средбата гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за поддршката што Народната банка постојано ја добива од ЕУ и за успешната соработка со Делегацијата на ЕУ. Амбасадорот Гир истакна дека таквата соработка продолжува и дека во натамошниот период може да се одвива и преку низа нови заеднички активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

