Економија
Вработените во Комисијата за инспекциски надзор се без плата веќе петти месец
Вработените во стручната служба на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка веќе петти месец се оставени без плата поради неименувањето на нов состав на Комисијата, по разрешувањето на претходниот од страна на Собранието на РМ на 19 март годинава.
Стручната служба на оваа Државна комисија се состои од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници од кои поголем дел не живееат во Скопје и се принудени секојдневно да патуваат до главниот град за да стигнат на работа што претставува дополнителен трошок за нив. Помеѓу овие 28 вработени во службата има и бремени жени кои наскоро треба да се породат, а немаат здравствено осигурување, како и болни лица, чија состојба секојдневно се влошува од причина што немаат пари потребните лекови да ги набават на приватно.

„Здравственото осигурување за сите вработени во Државната комисија истече на 30.04.2018 година и со тоа од 01.05.2018 година не може да се оствари правото на лекување и земање лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени. Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово, Куманово, Илинден и ние веќе не сме во можност да го финансираме својот превоз до Скопје и назад. Сите вработени имаат кредитни обврски спрема банките и застој во исплата на платата веќе пет месеци. Поедноставно кажано, немаме пари ни да си ги платиме домашните сметки“, стои во писмото кое вработените од стручната служба на Комисијата го упатија до „Макфакс“.

Вработените велат дека за решавање на овој проблем повеќепати се обратиле до Собранието на РМ од каде им било кажано да почекаат избор на нови членови на Комисијата. Тие исто така упатиле жалба и до Владата на РМ.

„Плата немаме земено 5 месеци, а можеби тоа ќе трае и подолго доколку Собранието не преземе мерки за избор на ново раководство. Ова драстично се одразува врз нашата економска состојба, од причина што со неисплатената плата има и неисплатена рата/рати за кои банките дополнително пресметуваат затезна камата“, велат од службата.

Покрај другото, вработените тврдат дека состојбата во Државната комисија е алармантна, немаат вода за пиење, ниту, пак, средства за одржување хигиена, расипани тоалети, нефункционални клима-уреди, а нема ниту хартија за работење. До комисијата исто така било доставено и решение за прекин на испорака на електрична енергија.
„Прашање на време е кога ЕВН ќе ја исклучи и струјата во институцијава! Државната комисија нема платено сметки за интернет, сметки за одржување на хигиената 6 месеци. Телефоните се исклучени исто така поради неплатени сметки. Едноставно, Државната комисија не функционира“, велат вработените.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Илиевска: Предлог-буџетот за 2026 година е развоен, стабилен и насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните
На денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година свое обраќање имаше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска каде истакна дека Предлог-буџетот е развоен, стабилен и директно насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Предлог-буџет за 2026 година со рекорден износ од 6,7 милијарди евра и она што е особено важно, а граѓаните треба да го знаат е дека во овој буџет се обезбедуваат повеќе средства за повисоки плати, пензии, за нови училишта, нови спортски сали, игралишта, нови градинки, нови болници, за нови патишта, за развивање на инфраструктурата, за развивање на дигитализацијата, и најважно од се за реализација на капитални инвестиции кои се особено важни, бидејќи тоа се зрели проекти кои се веќе и во реализација, конкретно оние проекти во општините кои токму државата ги финансира, а се однесуваат и се наменети за граѓаните“, вели Илиевска.
Илиевска дополни дека со буџетот се проектира раст на просечната нето-плата од 6,5%, зголемување на бројот на вработени за 1,6% и намалување на невработеноста на 10%. Проектираниот економски раст од 3,8%, според неа, е показател за стабилен и забрзан развој на економијата.
„Со овој Предлог-буџет се очекува просечната нето-плата да порасне на 6,5%, а бројот на вработени да се зголеми за 1,6% што невработеноста би се намалила на 10%. Проектираниот раст на економијата за 3,8% е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст и се дава сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо“, истакна Илиевска.
Илиевска посочи дека граѓаните ќе ги уживаат бенефитите со новиот буџет кој е конципиран во контекст на економскиот раст, финансиската стабилност и реализација на стратешки приоритети на Владата.
„Во буџетот за 2026 година се планирани 52,6 милијарди денари за плати, или зголемување од 3,6 милијарди денари, односно 7,5% во однос на ребалансот. Тоа значи повисоки плати за работниците, за наставниците и професорите, за здравствените работници, за полициските службеници, едноставно за сите луѓе коишто творат и создаваат во Македонија“, заклучи Илиевска.
Економија
Јаревски: Со Предлог-буџетот за 2026 година се утврдуваат здрави основи на фискална консолидација
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, имаше свое обраќање каде истакна дека според Фискалниот совет се забележуваат основи на фискална консолидација. Јаревски додаде дека Предлог-буџетот ја истакнува волјата на извршната власт за развој. Според него, опозицијата води несуштинска расправа во контекст на Предлог-буџетот.
,,Мојот впечаток во овие 3 дена општа расправа е тоа дека опозицијата се уште упорно одбива да ги увиди некои работи, упорно седи во својот свет и за жал повторно ќе констатирам во тоа е се поосамена“, рече Јаревски.
Јаревски посочи дека Предлог-буџетот е реален, со силно изразена развојна компонента и ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој.
,,Од друга страна, од кај опозицијата гледаме само настапи, каде што се бараат 2 или 3, можеби 5 подставки каде што во овој буџет се можеби помали во однос на претходната година. И целокупната нивна активност насочена во расправата на овој буџет, е токму таа што практично доведува до услови да имаме несуштинска расправа“, кажа Јаревски.
Јаревски истакна и дека Фискалниот совет за овој Предлог-буџет укажа дека се воочливи знаци и чекори на фискална консолидација, во споредба со претходните искуства кој истиот ги имал со СДС, каде се забележуваше негативен тренд на сите полиња, за разлика од сега кога трендот е позитивен.
,,Фискалниот совет за овој буџет прв пат укажа дека се запознаа се заприметија или се констатираа првите знаци и чекори на фискална консолидација. Не знам како може некој упорно да игнорира фактот дека и ММФ и Светска банка ги ревидираа на повисоко процентите за раст. Зошто? Бидејќи, на некој начин и самите беа затекнати, поучени од претходниот традиционално искуство на СДС да има негативен тренд на сите полиња, овде имавме позитивен тренд. Ги подигнаа проекциите“, вели Јаревски и додава:
,,И веќе ако велиме дали имаме потреба од суштинска расправа, тогаш можеме да ги видиме клучните макроекономски индикатори“.
Економија
(Видео) Трајчулевски: Предложениот Буџет за 2026 година ја турка државата во уште подлабока сиромаштија
Предложениот Буџет за 2026 година е документ кој ја турка државата во уште подлабока сиромаштија, неизвесност и задолжување, а граѓаните ги остава заборавени. Оваа влада нема никаков план за достоинствен живот на граѓаните. Единствено што знае е да приредува театар што сите скапо го плаќаме, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Тој потенцираше дека со овој предлог буџет граѓаните се запоставени, средства не се доделуваат каде што се најпотребни, а минималната плата е суровата реалност за граѓаните.
„Затоа ја слушаме изјавата на министерот за економија, кој истакнува дека нема економска причина и оправданост за зголемување на минималната плата за работниците. Министерот, од безбедна дистанца и со одлична плата, им објаснува на сопствениот народ дека добро се живее со минимална плата, која, впрочем, е најниска во целиот регион. Повторно розови очила за власта и сурова реалност за работниците“, рече Трајчулевски.
Тој нагласи дека владата продолжува да ги крати средствата за значајни институции и проекти, како средствата за Инспекторатот за македонски јазик се скратени за 91%, и покрај тоа што, како што кажа, СДСМ го основа за заштита на јазикот. Според него, капиталните расходи се намалени за 15%, а фискалната консолидација се врши на сметка на инвестициите, а не преку рационализација.
„2025 година завршува со само 50% реализација. Вакво потфрлање не е видено во нашата историја. И после две години власт, нема ниту еден нов проект“, рече Трајчулевски.
Тој додаде дека владата проектира буџет од 6,7 милијарди евра, поголем од најголемиот досега, оној за 2025 година. „Ова дополнително ќе ја влоши фискалната кондиција на земјата и тоа ќе го видиме наредната година, при првиот ребаланс. Ова не е буџет за развој, ова е буџет за купување време, за купување социјален мир, за купување политички опстанок“, посочи Трајчулевски.
Тој потенцираше дека новиот буџет е доказ за континуирани неисполнети ветувања и лаги.
„Добредојдовте во реалноста, таа е пресликана во буџетот што го предлага власта. Изборите поминаа, сега граѓаните на власта веќе не ѝ се важни. Се прави крупна манипулација со лажно прикажување раст на БДП од 3,8%. За 2026 година се планира задолжување од над 120 милијарди денари. Во 2027 каматите ќе бидат 500 милиони евра, само за камати“, рече Трајчулевски.

