Економија
Бектеши: Силно сме посветени во инвестиции за енергетскиот сектор

Се работи на изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас со соседните земји, како и создавање на услови за инвестиции во обновливи извори на енергија истакна министерот за економија Крешник Бектеши на работниот состанок на тема “Енергија и животна средина“ во рамки на Стратешкиот дијалог САД-Северна Македонија што денеска се одржува во Вашингтон.
Силно сме посветени на обезбедување на енергетска безбедност на државата, на диверзификација на изворите со снабдување со енергенси, енергетска транзиција и инвестиции во зелена енергија.
Во таа насока Бектеши ги презентираше активностите кои што се во тек во Република Северна Македонија, односно инвестициите во делот на изградба на капацитети од обновливи извори на енергија како што се хидроцентрали и фотовлотаични централи, мерки за декарбонизација во рамки на Националниот план за енергија и клима и мерките за развој на пазарот на електрична енергија.
Овие мерки се наменети за создавање на независност во енергетскиот сектор кој водат кон поддршка на националната безбедност и градењето на мрежа и информациски систем за сајбер безбедност.
„До крајот на годината е предвидено да започне изградбата на интерконективниот гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција, и преку јавни повици за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште ќе се потикнат инвестиции во обновливи извори на енергија“ кажа министерот Бектеши.
Сајбер безбедноста е нов поттик за Северна Македонија за што министерот потенцираше дека во план е најпрво да се воспостави правна рамка за безбедност на мрежни информациски системи во енергетиката, одобено на критичната инфраструктура на енергетиката со што ќе се транспонира соодветната европска директива.
Двете страни истакнаа дека постои посветеност за јакнење на партнерството за соработка во енергетскиот дел, со посебен акцент на темите кои се разговараа во рамките на Стретшкиот дијалог и заложбите кои што произлегуваат од Парискиот договор за постепено укинување на јагленот до 2030 година што произлегува од Националната стратегија за развој на енергетиката на Севрна Македонија до 2040 година и препораките на Министерскиот совет на енергетската заедница за подготвување на Интегриран национален план за енергија и клима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Небезбедниот јогурт е вратен во Србија, ако Трипуновски не верува, нека го бара низ маркети, рече директорот на Агенцијата за храна

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски ги отфрли и последните тврдења на Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ дека протеински јогурт со зголемено присуство на афлатоксин од Србија е пласиран на македонскиот пазар.
Вели тоа беа две пратки пробиотски јогурт кои се веќе вратени во Србија.
„Досега Трипуновски требаше да научи дека пред да се пуштат во промет, уште на граничните премини и на местото на истовар, особено млеко и млечни производи кои се увезуваат од соседна Србија и од БиХ, поради утврдениот ризик од афлатоксин во овие производи, АХВ врши задолжително лабораториско тестирање на секоја пратка која останува под надзор се додека за неа не се добие задоволителен резултат за да се најде во промет. Оттаму, лаички е да се тврди дека производите кај кои е детектирано присуство на афлатоксин над максимално дозволените граници се пуштени во промет“, изјави Бабовски.
Директорот го обвини Трипуновски дека манипулира.
„Одговорно тврдам дека станува збор за чиста манипулација од негова страна. Се работи за две пратки пробиотски јогурт, секоја од по 7.053 килограми, односно вкупно 14.106 килограми од овој производ со зголемено ниво на афлатоксин, кои во текот на вчерашниот ден се вратени во Србија со согласност на извозникот и на надлежниот орган на Република Србија. Ни случајно овие производи, како што твди Трипуновски, не се нашле во промет, туку биле под официјален надзор се до враќањето. За „канцерогениот“ јогурт со афлатоксин, го повикуваме, бидејќи располага со лабораториските резултати кои имаат и сериски број и лот за секоја земена мостра, а и не и верува на АХВ, слободно да го побара во маркетите, вели Бабовски.
Првиот човек на АХВ објасни дека мониторинг на сурово млеко за афлатоксин секоја млекарница спроведува на секоја количина сурово млеко откупено од секој производител, а инспекторите на АХВ земаат мостри од збирното откупено млеко од секоја млекарница еднаш месечно поради верификација на оваа активност од страна на млекарите.
-Суровото млеко се испитува на Факултетот за ветеринарна медицина, со брза метода, а во случај на позитивен наод се врши конфирматорен тест. Во овој случај конфирматорниот тест утврдил негативен наод на афлатоксин, суровото млеко може да се употреби од млекарницата за преработка. Инаку, моето службено отсуство, како што вели Трипуновски на државен трошок, на 21. состанок на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во Брисел и на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа на кој беше посветен и овој состанок, е уште една потврда дека АХВ е препознаена како високопрофесионална и стручна институција, и во европски и во светски рамки. Доволна потврда за ова е дека токму АХВ ќе биде домаќин на 22. состанок на ова реномирано тело на ОИЕ и ЕФСА, каде членуваме и ние како институција и држава, задно со членки на Европската унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, рече Бабовски на прес конференција.
ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес конференција објави документи во врска со информациите дека во Македонија се увезува млеко кое содржи афлатоксин.
„Се работи за протеински јогурт увезен од Република Србија, и од него се гледа зголемено ниво на амфлатоксин, вториот документ е лабораториски извештај за млеко од една млекарница од Република Македонија, која исто така покажува присуство на амфлатоксин над дозволената граница“, вели Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ
Праша дали протеинскиот јогурт од соседна Србија и млекото од млекарница во Македонија се пуштени во промет и рече дека документите се уште еден показател дека контролата на млекото и млечните производи, како домашни, така и од увоз, АХВ не ги прави согласно потребите да ги заштити граѓаните од злоупотреби.
Економија
Утре започнува исплатата на пензиите, зголемени се за 5,3%

Исплатата на зголемените пензии започнува утре. Пензионерите ќе добијат процентуално покачување од 5,3%. Најмногу ќе добијат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии ќе добијат само 700 денари.
Од Министерството за труд и социјала велат:
„Согласно методологијата и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември ќе биде зголемена за 5.3%. Ова е второ усогласување за оваа година, во месец март беше зголемена за 8.4% и заедно со 5.3% во септември, изнесува вкупно 13.7%“.
Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери. Најголемиот дел од нив, над 97 илјади месецот го туркаат со пензии до 13 илјади денари.
Економија
Алатка на Народната банка за споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките

За прв пат граѓаните можат на брз и едноставен начин да направат споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките преку веб – страницата на Народната банка на Република Северна Македонија, преку користење на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“.
Oд НБ велат дека зголемената транспарентност и споредливост на услугите се најзначајните придобивки и новини кои за граѓаните ги донесе Законот за платежни услуги и платни системи.
„Со обврската за примена на стандардизирани термини и опфат за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги од страна на банките и нивно редовно доставување до Народната банка за објавување, ќе им се овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредат понудите и надоместоците за услугите поврзани со платежните сметки. Во таа смисла, истакнуваме дека Народната банка на својата веб страница ги објави податоците по поединечна банка за видот и висината на надоместоците што ги пресметуваат и наплаќаат за секоја од услугите што се определени како најрепрезентативни за потрошувачите. Давателите на платежните услуги самостојно ги утврдуваат надоместоците и се одговорни за точноста на доставените податоци за објавување од Народната банка. Со цел корисниците на платежни услуги да можат да располагаат со ажурни и соодветни информации, банките имаат обврска истите да ги ажурираат при секоја промена на надоместоците“, пишува во соопштението на Народна Банка.