Економија
Бесими: Потребно е одржливо решение за раст на платите, но и зголемена продуктивност

Платите во образованието треба да растат, а и во изминатите години имаше веќе неколку покачувања. Треба да растат и платите во здравството, правосудство,одбраната, безбедноста, но треба да се испорача и економски резултат, да бидеме свесни за глобалната ситуација и економијата да застане на здрави нозе, порачува во својата најнова колумна министерот за финансии Фатмир Бесими, во која пишува за продуктивноста, платите и човечкиот капитал.
– Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните – пишува министерот за финансии.
Во колумната Бесими наведува резултати од системска анализа на Светска банка, во која се нотира дека 11 години од предучилишно, основно и средно образование, според квалитетот на наученото, е еквивалентно на само 7,3 години во развиените земји.
-Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата. – пишува министерот за финансии.
Во однос на платите, Бесими пишува дека Владата создала реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, а поставен е и репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика, како во јавниот така и во приватниот сектор.
-Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на граѓаните. Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивниот квалитет. – пишува Бесими.
Министерот додава дека во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ценовни притисоци може да ја подгрева дополнително инфлацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.05.2022 година.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит, додека малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 54,963 ден/кг.
Од 24.5.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 97,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Радио Слободна Европа“. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјава за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9%, додека за 2023 година раст од 3,6%.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата којашто Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10% минатата година таа би се свела на 5% оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично дека нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со околу 2% во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1%, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до којшто ќе биде погодена ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност којашто може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________
Економија
ММФ: Глобалната економија се соочува со најголемиот тест од Втората светска војна

Глобалната економија се најде на работ на колапс поради низа последователни кризи.
Меѓународниот монетарен фонд денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, соопшти дека глобалната економија ја чека „можеби најголемиот тест од Втората светска војна“.
„ Се соочивме со низа немили настани“, изјави извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека руската инвазија на Украина ги потенцира негативните ефекти на пандемијата на Ковид-19 врз економијата, попречувајќи го економското закрепнување и поттикнувајќи ја инфлацијата заедно со зголемувањето на цените на храната и горивото, пишува Си-Ен-Ен.
Земјите се оптоварени и со зголемување на каматните стапки, а бизнисите и домаќинствата треба да се справат со големи долгови. Пазарните турбуленции и постојаните ограничувања на синџирот на снабдување се исто така ризик. Покрај тоа, климатските промени се проблем.
За да се намали стресот врз економијата, ММФ на состанок повика владини претставници и бизнис лидери во Давос на разговори за намалување на трговските бариери.
Додека многу земји се борат со зголемените трошоци за живот за своите граѓани, некои одат во спротивна насока и воведуваат ограничувања во трговијата со храна и земјоделски производи што би можеле да го влошат недостигот и да ги зголемат цените на глобално ниво.
Претходно овој месец, одлуката на Индија да го забрани извозот на пченица доведе до зголемување на цените на житото, иако таа е релативно мал извозник. Индонезија го забрани најголемиот дел од извозот на палмово масло во април за да ги заштити домашните резерви, но има намера да ја укине забраната оваа недела.