Економија
Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ признава дека успеавме да ја намалиме маржата на струјата
„ВМРО-ДПМНЕ признава дека сме направиле добра тендерска постапка бидејќи сме успеале да ја намалиме маржата на добивка која ЕВН ја тарифира кон граѓаните, секако бидејќи е наш резултат и исход од доброто работење ќе го поддржиме тој закон, бидејќи сметам дека се што е добро за граѓаните ќе треба да се поддржи“, вели во интервју за Радио Слободна Европа пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, коментирајќи ги најавите на Христијан Мицкоски за измени на Законот за енергетика, со кои се најавува дека нема да се дозволи зголемување на цена на струјата за домаќинствата.
Коментирајќи го раздвојувањето на енергетиката и економијата, Битиќи во интервјуто оценува дека начинот на кој е направено ќе значи враќање во времињата на нетранспарентност и отчетност во владеењето од оваа структура на луѓе.
„Бидејќи во последните седум години се обидувавме секоја една постапка особено кога е поврзана со стратешките сектори и е во полза и интерес на граѓаните тоа да биде на транспарентен начин. Јас само ќе кажам колкава беше дискусијата за стратешките инвестиции во енергетиката кои беа преговарани преку две години во институциите, не надвор од институциите. И имаше дилеми од граѓаните, од сегашната опозиција за тоа како тие ги гледаат стратешките инвестиции во енергетика. И второ мислам дека ќе отвори една Пандорина кутија бидејќи нашата држава се уште нема дефинирано што ќе прави во сегментот рударство како индустрија. Јас се плашам дека се она што успеавме да го направиме во интерес на граѓаните да го елиминираме или не го направиме. Јас само ќе кажам дека имавме две такви инвестиции во рударството за кои граѓаните се изјаснија на референдум и дека не би требало да бидат направени. Станува збор за Казандол во гевгелискиот регион и Иловица. Сметам дека со одвојувањето во такво ресорно министерство дека наскоро ќе ги видиме како се отвораат и ме интересира каква ќе биде реакцијата на граѓаните и одредени организации кон овој феномен. “, вели Битиќи.
Тој посочува дека во одвојувањето на енергетиката и економијата препознава партиски интерес, бидејќи, според него, мандаторот Мицкоски има искуство во сегментот на енергетиката и има желба да покаже дека има знаење.
„Но, сметам дека енергетиката како стратешки сектор би требало да има посебен осврт, но не сум сигурен дека другите сегменти што се припоени кон Министерството за енергетика ќе дадат резултат, бидејќи за тоа немаме стратешка одлука или консензус на државата дека тоа се стратешките интереси во наредниот период на развојот на државата. Ние заедно и со опозицијата три години на Националната развојна стратегија за 20 години, таму не сме докрај дефинирале дека рударството е еден од стратешките сектори“, вели пратеникот Битиќи.
Зборувајќи за тоа што ќе значи за јавниот долг најавеното задолжување на Мицкоски од 1 милијарда евра, Битиќи истакнува дека тоа ќе го зголеми долгот на околу 66% од БДП, а и со другите најави може да се очекува овој процент да се зголеми на околу 70% од БДП.
„Па на граѓаните ќе треба да им се одговори како одеднаш сите коментари дека државата е презадолжена затоа што сме блиску до 60%, која е една рамка која е ставена со договорот од Мастрикс за задолжување, наеднаш 70% задолжување не е проблематично. Второ, сметам дека и мандатарот и партијата и тие на власт ќе треба да одговорат кој бил мандатот за да се испреговара такво задолжување додека биле во опозиција, со билатерална земја без разлика што тоа е земја е членка на ЕУ, бидејќи знаеме дека нивниот бивш лидер престојува во таа земја. Па дали можеби не зборуваме за корозивен капитал кој се враќа во нашата земја под превезот на задолжување“, вели пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервјуто за Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.