Економија
Битиќи ги објави имињата што ќе му помагаат, меѓу нив и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ги објави имињата на членовите на платформата „За татковината со љубов“. Меѓу нив се и функциониери од владите на ВМРО-ДПМНЕ.
Активни членови на платформата во моментот се Агим Мамути, Благица Петрески, Борче Треновски, Борче Смилевски, Борис Ефтимовски, Ванчо Узунов, Веле Самак, Висар Адеми, Вељанд Рамадани, Виктор Мизо, Горан Рафајловски, Зоран Кочоски, Игор Ивановски, Игор Андреев, Коста Петров, Љупчо Зиков, Марјан Петрески, Никица Мојсовска-Блажеска, Никола Поповски, Нина Фити, Олимпија Заевска-Христова и Сашо Ќосев.
Битиќи појаснува дека платформата е неформално тело за дискусија со луѓе што може да дадат мислење, совет или експертиза за поквалитетни предлози и политики.
Вицепремиерот вели дека тие не се професионално ангажирани како советници во неговиот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту, пак, ќе примаат каков било надомест.
„Покрај оваа неформална група, јас секојдневно разговарам со разни претставници од бизнис-заедницата, академци, граѓани. И нивните барања и мислења влијаат на предлозите што ние потоа ги даваме и ги усвојуваме како Влада“, вели Битиќи.
Составот на „За татковината со љубов“ е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата. На првиот состанок имало повеќе од 20 економски експерти од разни области. Сега веќе се пријавиле уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци.
„Експертите присутни на првиот иницијален состанок на платформата ‘За татковината со љубов’ се домашни професионалци од повеќе економски области, кои се подготвени да го стават својот капацитет во функција на државата. Тие доаѓаат од разни политички провениенции и економски школи, но заедничко за сите нив е што се отворени за соработка и совети во интерес на забрзан економски развој, долгорочно планирање на развојот на економскиот систем и доброто на државата. Членовите во платформата ‘За татковината со љубов’ ова го прават волонтерски и јас сум благодарен што сите овие луѓе изразија подготвеност про боно да одвојат време и да дадат совет, коментар, мислење или идеја во интерес на нашата земја. Засега планирана динамика на состаноци е еднаш месечно“, вели Битиќи.
Тој додава дека тенденција е да се вклучат сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес.
„Сите заедно ние сакаме да покажеме дека без оглед на сите други разлики, патот за просперитет на нашата татковина е поважен од што и да било друго. Нема да дозволиме никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива ниу, пак, какво било партиско-политичко профитирање. Сите што сакаат да помогнат се добредојдени. Токму разноликоста на оваа платформа, од повеќе аспекти, е значајна бидејќи таа ќе продуцира инклузивни насоки, кои ќе бидат конструктивно анализирани од повеќе агли, сè со крајна цел да произведат патека за нашата економија, која ќе биде долгорочно кохерентна и конзистентна. Мојата врата е и останува отворена за сите професионалци и експерти што сакаат да се вклучат и да помагаат во интерес на граѓаните“, напиша Битиќи на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

