Економија
Битиќи: Измените на законот за јавни набавки да се повлечат, ги изземаат ингеренциите на Бирото ја јавни набавки

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска од собраниската говорница повика да не се гласаат измените во законот за јавни набавки, предложени од седум пратеници од владеачкото мнозинство бидејќи се штетни за процесите на јавните набавки во нашата држава.
Што се во суштина законските измени. Според предлог законот во редовна постапка, сега, поднесен од 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки, туку само ќе се прави административна проверка пред почеток на тендерот и да дава мислење за тендерските услови, нагласи Битиќи, додајавјќи дека административната постапка подразбира преглед дали сите листови хартија се на број, дали во структурата и содржината на тендерот за јавни набавки се содржат сите елементи, коишто се пропишани и толку.
Управната постапка се менува со чист технички елемент и ова е најголемата суштинска измена во предлогот за измена на законот за јавни набавки, со која пратениците во суштина бараат изземање на ингеренциите на Бирото ја јавни набавки, нагласи Битиќи.
Тој истакна дека таа ингеренција за управна контрола сега се префрла на државната комисија за жалби по јавни набавки, која власта еднаш се обиде, па се откажа, а сега со конкретниот предлог потворно сака да ја промени, а тоа, во случај доколку некој од учесниците на тендерот покрене жалба по првичната одлука.
Доколку има само еден понудувач, кој ќе се жали на постапката? Или можеби тоа е тенденцијата на следните јавни набавки во наредниот период од фамозните милиони евра, коишто се зборуваат, рече Битиќи.
Тој потсети дека управната контрола е процедура која ја има во актуелниот закон, со која се проверуваат веќе завршените тендери поголеми од 500.000 евра за набавка на стоки и услуги и поголеми од 2 милиони евра за набавка на работи односно инфраструктурни проекти.
Последната управна контрола позната на јавноста е набавката на евродизел за ЈСП, кога бирото за јавни набавки нареди поништување на постапката во која имало само еден понудувач, рече Битиќи.
Тој посочи дека доколку се усвои овој нов закон, конкретниот предлог за набавка на нафта немаше да биде проверуван од бирото и ќе поминеше мазно, бидејќи имаше само еден понудувач и немаше да има кој да поднесе жалба до комисијата за жалби.
Сега не разбирам, вие бевте тие што се удиравте во гради како „наместен тендер“ и на штета на граѓаните, ова биро заради управната контрола го поништува и тоа било добро, а сега им ги одземате ингеренциите и викате дека пак било добро. Кажете што е добро? Но веројатно мазното некаде на друго место ќе заврши, нагласи Битиќи, додавајќи дека менувањето на одредбата за задолжителна контрола само со админстративна проверка ќе изнедри многу, многу работи коишто ќе мирисаат.
Од другите предложени измени Битиќи ги издвои проверките на членовите на комисијата за решавање на жалби по јавни набавки.
Во новиот предлот пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои и претходно се обидоа со предлог закон и со нови критериуми да ја сменат комисијата за жалби по јавни набавки, но по реакција на антикорупциската мрежа на НВО се повлекоа, сега пак се вратија на намерата. Веројатно за да се избегнат гафови и фалсификувани сертификати за англиски или некој да пријави дека полагал ТОЕФЛ во школото Јулија во Пловдив, кое не издава такви сертификати, предлагачите ја бришат таа одредба за стручно проверено знаење на англиски јазик и воведуваат услов, замислете „активно познава еден од трите најчесто користени јазици на ЕУ – англиски, француски или германски“. А како ќе се проверува активното знаење за јазици? Веројатно директорот ќе одлучува или некој друг затоа што приложил сертификат од школото Јулија во Пловдив, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.