Економија
Битиќи и Деспотовски: Создаваме одлични услови за нови инвестиции во ТИР-зоните
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја одржа првата работна средба со новоименуваниот в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски, со кого разговара за политиките на Владата за привлекување нови реномирани странски и домашни компании да инвестираат во зоните, изградбата и уредувањето на самите зони, како и за унапредување на условите за воедење бизнис и подигнување на конкурентноста на компаниите.
Вицепремиерот Битиќи му честиташе на Деспотовски за новата работна позиција, при што му порача и на ова работно место да ги постигне истите успеси што ги имаше како директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој посочи дека очекува максимален ангажман и посветеност од Деспотовски, како и активно учество во креирање што е можно подобри услови за работа на компаниите во зоните, односно да се продолжи со уредувањето на веќе оформените зони, да се завршат сите почнати инфраструктурни проекти, но и да се работи на привлекување високотехнолошки компании, кои во земјата би донеле нови технологии, знаења и вештини и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност.
Вицепремиерот посочи дека треба да се одржува интензивна комуникација и со компаниите кои веќе функционираат во рамките на ТИР-зоните, а за оние компаниите што гизпочнаа инвестициските проекти и се во фаза на градба на производствените капацитети максимално можно да се излезе во пресрет на нивните барања во случај да се соочат со одредени предизвици во реализацијата на инвестициите.
Привлекување инвестиции со повисока додадена вредност во Северна Македонија ќе биде еден од четирите основни столбови на работење на Дирекцијата во следните 4 години. Ова треба да се оствари и со разгледување измени во политиките за привлекување инвестиции, а кои ќе се базираат на анализа што Дирекцијата ќе ја направи во следните неколку месеци.
Дополнително, зголемување на платите на работниците ангажирани во големите капацитети во ТИРЗ, како и поголем влез на домашни компании во глобалните вредносните синџири, ќе се стимулира со нови програми за финансиска поддршка, што ќе се иницираат набргу. Поттикнувањето на развој на зелена и циркуларна економија и влез на приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите се посебен сегмент на работната програма, презентира дел од програмата за работа, директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Деспотовски истакнаа дека ќе имаат исклучително блиска соработка во насока на искористување на инвестициските потенцијали на земјата, за привлекување нови реномирани компании и отворање нови подобро платени работни места за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

