Економија
Битиќи: Регионот има потенцијал да привлече инвестиции

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи на покана на „Институтот за менаџмент и бизнис Хајделберг“, се обрати на панел дискусијата „Економската ситуација во ЕУ, особено во Германија како земја партнер на балканските држави“, која се одржа преку видео конференциска врска, во рамките на „Балканска бизнис недела“.
Битиќи посочи дека битката со Ковид-19 е сè уште присутна во сите земји во светот, пришто искажа оптимизам дека со процесот на имунизација, со сигурни чекори се пристапува кон економското закренување. Најголемиот предизвик во борбата со пандемијата, рече вицепремиерот, беше да се одржи стабилноста на здравствениот систем, а истовремено да се минимизират последиците од пандемијата врз економскиот систем и да се задржат работните места на граѓаните, што е и направено со имплементација на шесте пакета економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните.
„Во однос на економската стабилност, имаме добро закрепнување на извозот, поради фактот што Северна Македонија најмногу привлекува бизниси со средна големина, не многу големи, што пак овозможува економијата да биде избалансирана и бизнисите да можат да излезат лесно од кризата и да се фокусираат кон закрепнување. Би сакал да истакнам дека позитивни се индикаторите во секторот автомобилска индустрија, во фармацевтски материјали и делови за електрични возила, како и во извоз на ИТ софтвер и услуги. Просечната плата бележи пораст од 6,8% во март годинава, а индустриското производство забележа и пораст од 46,1% во април годинава. Критичарите ќе речат дека овој резултат е постигнат поради лошата основа за споредба од претходната година, но во споредба со истиот месец во 2019 година, што историски е најдобрата година за индустријата на Северна Македонија, индустриското производство во април 2021 година падна само за околу 7%, што укажува на тоа дека сè уште не сме го достигнале нивото на 2019 година, но трендот е нагорен и очекуваме да го достигнеме и надминеме нивото на 2019 година на почетокот на втората половина на 2021 година. Најновите податоци за вработеноста на крајот на првиот квартал од 2021 година се исто така многу охрабрувачки. Стапката на невработеност падна на историско најниско ниво од 16,0%, додека стапката на вработеност втор квартал по ред се зголемува од 46,8% на крајот на 2020 година, сега имаме стапка на вработеност од 47,1% или апсолутно бројки во текот на првите три месеци од 2021 година кога целата светска економија сè уште беше погодена од кризата КОВИД-19, во Северна Македонија се отворија околу 3.500 нови работни места“, нагласи вицепремиерот.
Битиќи кажа дека Владата во изминатите години работеше и продолжува посветено да работи на унапредување на регионалните и меѓународните односи. Говорејќи за идните планови, се осврна на „Интервентниот план за инвестиции“, со вкупна вредност од околу 8,1 милијарди евра, а со кој се планира реализација на клучни проекти за создавање на одржлива и брзо растечка економија.
„Го објавивме нашиот инвестициски план за следните седум години, кој вклучува 3,1 милијарди евра инвестиции во зелена енергија, 2,7 милијарди евра инвестиции во патишта и железничка инфраструктура, 800 милиони евра инвестиции во производството, 300 милиони евра инвестиции во малопродажба, 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство, 500 милиони евра во инвестиции во локална / комунална инфраструктура и околу 200 милиони евра инвестиции во туризмот. Тоа се вкупно 8,1 милијарди евра инвестиции. Нашиот план за инвестиции во следните седум години е фокусиран, тој е план да станеме подобра земја со почиста и позелена средина, со подобрена инфраструктура и подобри патишта, со посилен јавен здравствен систем, со подобрена и иновативна комунална инфраструктура и подобар систем за управување со отпад, и конечно, попривлечна туристичка дестинација, бидејќи туризмот беше една од индустриите што влијае на многу вработени, но исто така и на секој граѓанин. Сето ова ќе ја зголеми конкурентноста на нашата земја и на економијата“, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи информираше дека во подготовка е и Национална развојна стратегија од 2021-2041, која треба да ги одразува меѓугенерацискиот, родовиот, меѓуетничкиот, меѓупартискиот и долгорочниот консензус за приоритетите на Северна Македонија, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за секого, особено за ранливите категории на граѓани.
„Овој проект исто така ќе ги открие и зајакне врските помеѓу сите други стратешки важни процеси што се случуваат во земјата, пред се интеграцијата во ЕУ и Агендата за одржлив развој 2030 и исто така ќе развие добра стратегија за комуникација и електронска платформа за вклучување на што повеќе клучни чинители во процесот. Во корелација со ова, би сакал да посветам извесно внимание на претстојниот проект на Единствен регистар на државна помош, што го започнавме на почетокот на оваа година. Регистарот на државна помош ќе биде единствената точка на контакт за информации за државна помош. Процесот ќе биде целосно дигитален и без хартија од почетокот до последната фаза – вклучувајќи информации, апликација и одобрување. Ова ќе придонесе за усогласување на планирањето и буџетирањето на државната помош. Компаниите и граѓаните ќе добијат транспарентен и отчетен систем на државна помош, со што ќе се минимизира субјективната перцепција и едностраната проценка“, информираше Битиќи.
На крајот на своето обраќање вицепремиерот ја истакна како клучна регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, со крајна цел создавање на конкурентен и атрактивен регион за реализација на нови инвестиции.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да го ставам во центарот на вниманието уште еднаш, важноста на обединувањето на Западен Балкан како еден регион, бидејќи силно верувам дека само заедно – можеме да постигнеме поголема конкурентност и да привлечеме повеќе инвестиции. Локацијата на Западен Балкан е многу привлечна, а овој регион има толку голем потенцијал да стане особено привлечна дестинација за инвестиции, но исто така заедно треба да работиме на создавање силни синџири на вредности и да го искористиме максимумот од нашата конкурентска предност, а тоа е близината од европските пазари.Поединечно, ние сме мали земји со големи аспирации, но заедно сме одличен регион со уште поголем просперитет. Заедништвото е клуч за успешноста“, заврши во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Покрај вицепремиерот, на панелот учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, гувернерката на НБРСМ,Анита Ангеловска Бежовска, извршниот директор и претседател на бордот на директори на Стопанска банка, Диомидис Николетополус, заменик претседавачот на Комитетот за одбрана во Парламентот на СР Германија, Карл Ламерс и претседателот на Хајделберг институтот, Улрих Цајтел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи – Ќира: Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата

Владата на Република Северна Македонија го гледа приватниот сектор како свој партнер, затоа со внимание ќе ги слушам сите ваши препораки за подобрување на бизнис-климата, ова го истакна заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на средбата со новото претседателство на Стопанската комора на северозападна Македонија и нејзиниот претседател, Менди Ќира.
На средбата акцентот на бизнисмените на СКСЗМ беше ставен на барањето за зголемување на квотата за работници од странство за што вицепремиерот Битиќи рече дека овој проблем е веќе детектиран од негова страна и дека веќе е почната дискусијата и барањето на соодветниот модалитет со кој ова ќе го постигнеме.
„Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата. Во следните неколку месеци треба да направиме процена кои се секторите во кои е потребна дополнителна работна сила и да видиме колкава бројка е потребна. Во исто време заедно со приватниот сектор засилено да работиме на реквалификација и доквалификација на домашниот пазар на труд со цел тие да може да бидат поконкурентни и пазарот да може полесно да ги впие“, истакна Битиќи.
На состанокот се разговараше и за идентификацискиот број за граѓаните од „Отворен Балкан“, со што дополнително ќе се олесни движењето на граѓаните помеѓу нашите земји.
Економија
Добрите дела не се ретки во Mozzart: лидерот во организирање игри на среќа ја поддржа кампањата „Запознајте ги ретките болести“

Февруари традиционално е месец во кој учиме за ретките болести. Оваа година националната кампања „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се спроведува во соработка со компанијата Mozzart која го поддржа проектот.
Веќе петта година по ред, месец февруари повторно станува редок, како болест што може да ја има оној што седи до вас во автобус, ресторан или парк. Ништо не се знае за нивната „невидлива“ попреченост и малку се зборува во текот на годината, па затоа националната кампања ја менува реалноста.
Во текот на 28-те дена во февруари, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со 28 ретки болести, како и за методите на дијагностицирање, лекување и предизвици со кои се соочуваат лицата кои боледуваат од ретки болести.
„Во текот на годината многу малку се зборува за ретките болести и тоа е тема која не е доволно застапена во општеството, поради што решивме да го поддржиме и да бидеме дел од овој голем проект за кој слободно можеме да кажеме дека станува препознатлив во нашето општество со долгогодишна традиција“, истакна Љубица Толовска од компанијата Mozzart.
Првиот ден на ретки болести беше прославен во 2008 година на 29 февруари, редок датум што се случува само еднаш на секои четири години.
Оттогаш, Денот на ретките болести се одржува секоја година на последниот ден од месец февруари, месец познат по својот редок број на денови.
ПР
Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.