Економија
Битиќи: Со ребалансот ќе добиеме чудовиште од јавен долг од над 68 oтсто
Предложениот ребаланс на буџетот, од страна на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, предизвикува голема загриженост и страв, и не само што не одговара на реалните потреби на нашата економија туку е и крајно опасен за иднината на нашата земја. Со ребалансот ќе добиеме чудовиште од јавен долг, од над 68%, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, на кој се расправаше за ребаланс на Буџетот.
– Со овој ребаланс јавниот долг ќе стане „чудовишен“ сам по себе. Во делот на приходната страна на Буџетот, кај задолжувањата во странство од првично проектираните 728,6 милиони евра, има зголемување на нови 826,2 милиони евра и тоа е зголемување на јавниот долг кон надвор за околу 100 милиони евра, објасни Фатмир Битиќи .
Во своето обраќање Битиќи посочи дека во проектираниот раст на долгот не може да се препознаат парите од задолжувањето, кое, како што рече пратеникот на СДСМ, „пријателски премиерот ни го договори идните генерации да го отплаќаат кон Унгарија“. Тој предупреди дека јавниот долг ќе се зголеми далеку од проектираните 68% од БДП.
„Овој чудовишен јавен долг ќе отиде и далеку над 68% доколку до крајот на годината. И додека сум кај јавниот долг, да укажам и зошто министерката за финансии и премиерот имаа потреба од лажните политички сензационализми со квалификациите на работењето на владата предводена од СДСМ како „економија во клиничка смрт“, по се’ изгледа од ВМРО ДПМНЕ увиделе дека ако годинава ја „вметнат“ цела милијарда евра од унгарскиот заем, јавниот долг најверојатно ќе скокне до таван, односно ќе биде скоро 75% – па затоа „одлучиле“ тоа да го направат со 500 милиони евра годинава, па 500 милиони евра пред локалните избори“, рече Битиќи.
Битиќи предупреди дека со ребалансот освен што се зголемува задолжувањето кон странство, имаме и раст на долгот внатре во државата.
„Бранот на задолжување е насочен и кон внатре. На приходната страна се предвидува зголемување на приходите по основ на задолжување од претходно предвидените 646,4 милиони евра, на нови 896, 3 милиони евра, односно околу 250 милиони евра ќе бидат заробени од државата од домашните комерцијални банките. Наместо да се води политика која ќе ги поттикнува домашните компании со лесен пристап до кредити од локалните банки, Владата ги “заробува” овие средства, создавајќи финансиска препрека за развој на приватниот сектор. Со оваа политика не само што ќе се намали финансискиот капацитет на банките да поддржуваат нови проекти и инвестиции, туку ги принудува и домашните компании да се задолжуваат во странство, под услови кои се договорени вонсистемски, во четири очи, а којзнае, можеби и на други места. Во предложениот ребаланс може да се препознаат и други прераспределби кои ќе го зголемат притисокот на компаниите своите инвестиции и развој да ги реализираат преку унгарскиот кредит“, рече Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.