Економија
Битиќи – Џанг Ѕуо: Има многу можности за унапредување на економската соработка со Кина
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и за можности за унапредување на истата.
„Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ѕуо констатираа дека економската соработка помеѓу земјите, дури и во услови на светската пандемија предизвикана од коронавирусот, има тенденција на пораст, а тоа се отсликува со зголемување на трговската размена од 6%, како и зголемување на извозот од нашата земја кон Кина, за 11,7%, во периодот јануари-септември 2020 година, во однос на истиот период лани. Битиќи посочи дека позитивните стапки на раст на трговската размена се добар податок, а додаде дека Кина е една од најголемите светски економиии и дека има многу можности да се унапреди економската соработка“, соопштија од кабинетот на Битиќи.
Вицепремиерот посочил дека близината на Република Северна Македонија до земјите на ЕУ, како и одличната инвестициска клима во земјата, се одлична можност за реализација на инвестиции на кинески компании, особено во производството, со што значително би се подигнала конкурентноста на производите, поради близината на нашата земја до ЕУ и можноста производите брзо да бидат доставени до крајните дестинации во земјите од ЕУ.
Воедно, Битиќи додал дека има можности за инвестиции во веќе постоечки компании, со цел да се искористи кинеското искуство во развој на технологиите и знаењата, за да се прошират нивните производни процеси и да се влијае на освојување нови пазари. Тој рекол дека соработката во земјоделството е уште една можност за двете земји, особено во преработувачката индустрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 18.11.2024 година.
Од 26.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,737 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден/лит и сега ќе изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,029 ден/кг и сега ќе изнесува 44,737 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,489%, кај дизелот за 3,554%, кај екстра лесното масло за 2,215% и кај мазутот намалувањето е за 2,312%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524%.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Економија
Промоција на станбениот кредит од Халкбанк
Со цел да им обезбеди на клиентите уште поатрактивни услови за реализација на нивните станбени планови, Халкбанк АД Скопје воведе дополнителна промоција на својот станбен кредит кој е со фиксна каматна стапка почнувајќи од само 3,0 отсто за првите 5 години, односно 3,4 проценти за првите 10 години, и променлива за останатиот период на отплата.
Со почеток од 20 ноември, па се до 31 декември 2024 година, станбениот кредит на Халкбанк ќе се издава БЕЗ нотарски трошоци, БЕЗ надомест за полисата за осигурување за првата година и БЕЗ трошок за проценка на недвижниот имот. А фиксниот надоместок за обработка на апликацијата изнесува 3.000 денари.
Максимален износ на средства кои можат да се добијат е до 300.000 евра, со максимален рок на отплата до 30 години, а постои можност и за добивање грејс период во отплатата од 12 месеци. Кредитот може да се користи за купување на стан, купување на куќа, како и за рефинансирање на изложености во други банки по основ на станбен кредит.
Искористете ја атрактивната понуда која трае до крајот на годинава и нека Халкбанк стане вашиот партнер на патот кон обезбедување сопствен дом.
За повеќе информации за условите и аплицирањето за станбениот кредит, посетете ја веб страната на банката или најблиската филијала.
(ПР)