Економија
Бочварски: Привршува изградбата на обиколницата во Штип, експресниот пат до Радовиш готов до април 2022 година
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изјави дека привршува изградбата на обиколницата во Штип и најави дека експресниот пат до Радовиш ќе биде готов до април 2022 година.
Тој изврши увид во изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш.
„Вкупната инвестиција е 15 милиони евра, а должината на оваа втора фаза изнесува 17 километри. Прогресот на градежите работи е 65 проценти и според договорот, експресниот пат комплетно ќе биде завршен vo април 2022 година“, рече министерот.
Тој потенцираше дека обиколницата околу Штип ќе биде готова за 30-тина дена, со што сообраќајот низ градските улици низ Штип ќе се растoвари.
„Покрај завршувањето на обиколница Штип, завршена е и клучката од Бучим до Радовиш и на почетокот на месец октомври и оваа делница ќе се стави во функција. Со изградбата на овој патен правец даваме пример како се гради одговорно, како се гради навремено и модерно според сите европски стандарди. Со инвестициите што ги реализираме во овој регион даваме поттик на преку 12 илјади мали и средни фирми и обезбедуваме просперитет на преку 170 илјади граѓани“, изјави Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, информираше дека вкупната должина на експресниот пат Штип – Радовиш е 40.4 километри, од кои 23 километри веќе се пуштени во употреба.
„Оваа втора фаза од изградбата на експресниот пат е во должина од 17 километри и поделена на две секции. Првата секција ја опфаќа делницата од Три Чешми до Штип Југ, а втората од клучката Бучим до Радовиш. На оваа делница вкупно се изведени 16 објекти за премостување и 3 клучки. Очекуваме работните активности да завршат пролетта 2022 година“, рече Рустеми.
На новинарско прашање, во однос на законот за легализација, министерот Бочварски истакна дека предлог Законот е доставен до Владата и на следната владина седница ќе биде разгледуван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

