Економија
Бочварски: Социјалните станови во Демир Капија ќе бидат готови до крајот на 2021
И покрај ковид-кризата, градежните активности за изградбата на социјалните станови во Демир Капија се одвиваат континуирано без никаков прекин и очекуваме да завршат за околу 10 до 11 месеци, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје, Кристијан Трајковски, и градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров, изврши увид во изградбата на социјална станбена зграда во Демир Капија.
Социјалната зграда во општина Демир Капија е со површина од околу 1000 метри квадратни и се состои од 16 станбени единици наменети за социјално ранливите категории граѓани.
„Граѓаните се наш врвен приоритет. Владата продолжува одговорно и посветено да работи, да ги поддржува, помага и да се грижи за сите граѓани со цел да им обезбеди подобар и поквалитетен живот. Само во моментов градиме вкупно 579 социјални станови низ повеќе општини во државата, со што ќе обезбедиме кров над глава и пристоен дом за социјално најранливите категории граѓани. За следната година, во буџетот на Министерството за транспорт и врски предвидени се преку 130 милиони денари за изградба на социјални станови“, рече Бочварски.
Директорот на АДСДП, Кристијан Трајковски, истакна дека во тек се постапки за изградба на нови социјални згради во неколку општини, а во текот на следната недела се очекува да се потпишат договорите со изведувачи за изградба на социјалните згради во Сарај и Кочани.
„Продолжуваме со изградба на нови социјални станови во неколку општини. Очекувам во наредниве неколку дена да склучиме договор со изведувач за изградба на социјална зграда во општина Сарај, а исто така и во општина Кочани. Во тек се постапките за изградба и на социјални станови во Пехчево и Дебар, со што очекувам до крајот на оваа година да ги завршиме сите предвидени постапки и до почетокот на следната година веќе да имаме комплетирање на целокупниот проект“, изјави Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

