Економија
Брендот „Шел“ отсега достапен во државата
„Корал фуелс“ ДООЕЛ Скопје, како подружница на Coral S.A., започна со работа со првите 2 бензински станици под брендот „Шел“ во Северна Македонија. Компанијата е официјален сопственик на лиценцата за брендовите „Шел“ во Северна Македонија.
Матичната компанија Coral S.A. (поранешна Shell Hellas SA) работи во Грција од 1926 година. Со околу 750 бензински станици кои работат под брендот „Шел“ , компанијата има удел на пазарот што надминува 23% и е лидер на пазарот во Грција. Coral S.A. ја поседува лиценцата „Шел“ за пазарите Кипар, Србија и Хрватска. Компанијата има за цел да расте како регионален играч на Балканот, обезбедувајќи горива и услуги со врвен квалитет под брендот „Шел“ .

„Корал фуелс“ влегува на пазарот во Северна Македонија преку обезбедување долгорочни договори за лиценца на брендот „Шел“ Договорот вклучува поддршка и трансфер на “know-how” поврзани со горивата, примена на нови технологии, воспоставување услуги и маркетинг со високи стандарди. Во пракса, целото истражување и развој на горивата што се одвиваат на глобално ниво, ќе бидат пренесени преку бензинските станици за да бидат од корист за потрошувачите во земјава.
„Корал фуелс“ има намера во следниот период да инвестира со планиран раст низ целата земја со отворање нови централно лоцирани бензински станици, преку кои ќе им обезбеди квалитетна услуга на своите клиенти. „Корал фуелс“ веќе работи со 2 бензински станици под брендот „Шел“ кај Смоквица, на автопатот Пријателство близу границата со Република Грција.
Каи-Уве Витерштајн, генерален директор на пазарите со лиценца, “Shell Mobility”, изјави:
„Јас сум пресреќен и горд што заедно со Coral ги носиме ‘Шел’ брендираните бензински станици во Северна Македонија. Досега со Coral остваривме многу успеси на регионалните пазари и задоволни сме што продолжуваме да растеме со нив преку договорот за бренд-лиценцирање за Северна Македонија. Овој долгорочен договор со Coral ќе му обезбеди на локалниот пазар висококвалитетни горива и масла на ‘Шел’ , одлична услуга за клиентите и низа производи за секојдневна употреба, како и дополнителни услуги дизајнирани да ги задоволат потребите на сите возачи и други клиенти. Се надевам дека клиентите ќе уживаат во искуството при посетата на услужните бензински станици од брендот на ‘Шел’“.

Џорџ Хацопулос, генерален директор на Coral SA., изјави:
„Задоволни сме што можеме да им понудиме на потрошувачите во Северна Македонија врвни горива ‘Шел’, како и пренесување на глобалното знаење за развојот на производите и услугите. Постојаната новина искомбинирана со големата групација компании кои стојат зад оваа инвестиција, создаваат единствено партнерство во нашиот натамошен раст“.

Достапни во целата наша малопродажна мрежа од бензински станици се водечкиот диференциран бензин Shell Fuelsave Unleaded 95, безоловен бензин 98-октански V-Power и Shell Fuelsave Diesel. Посебно дизајнираните продавници за секојдневна употреба и други специјални потрошувачки услуги, исто така ќе бидат наскоро достапни на пазарот.
Ерик Мано, Менаџер во Корал С. Македонија, рече:
„Нашите бензински станици се дизајнирани според највисоките стандарди за да обезбедат целосни решенија за возачите преку воведување новини, почитување на потрошувачите и активности за општествена одговорност“.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

