Економија
Бруто платата во компаниите во ТИРЗ е над 1100 евра
Анализата на ТИРЗ покажува дека просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ во март достигна над 1100 евра, што е речиси 10% над државниот просек. Споредено, просечната нето плата во Зоните достигна над 43000 денари, што е повеќе од два пати над просечната плата од 19.000 денари регистрирана во 2016 година.
Во првиот квартал од годинава продолжува да расте и бројот на вработени. Заклучно со март во компаниите во ТИРЗ работат над 18.100 наши сограѓани што е за 10% повеќе споредено со март 2023. Во последниве седум години само во ТИРЗ се креирани над 11.800 нови работни места споредено со 6282 во 2016 година
Извозот и увозот во Зоните бележат стабилен раст од почетокот на годинава и покрај негативните трендови во европската економија, особено во Германија која е главна извозна дестинација. Компаниите во Зоните во првите три месеци од годинава реализирале 820 милиони евра извоз, додека увозот е на ниво од 730 милиони евра.
Поради ваквите економски движења, нето извозот заклучно само во март е во позитива од 7% додека за првиот квартал од годинава севкупно изнесува 12%.
Се очекува ваквиот позитивен тренд на раст, кој е континуиран четврта година по ред, да продолжи поради зголемениот обем на склучени договори за инвестиции. Само минатата година во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 450 милиони евра кои креираат 7000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

