Економија
Васко Ковачевски: АД ЕСМ успешно ја менаџира енергетската криза, реалноста ги демантира сите црни сценарија

„АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и тоа сега достигнува и над 21.000 MWh дневно. Со наше домашно сопствено производство ги задоволуваме потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и количините за дополнителните снабдувања доделени на ЕСМ со одлука на Владата како антикризна мерка“, порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на панелот посветен на теми од енергетиката на конференцијата што се одржа по повод една година од работењето на Владата.
„Целата јавност знае дека електраните со кои располага АД ЕСМ се стари по 40, 50 и 60 години, дека нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно постојано и континуирано санирање и одржување. Неинвестирањето во нови електрани во изминатите 30 години од страна на сите политички елити е нешто што не можеме да го вратиме назад, но со забрзано темпо и големи чекори можеме да надоместиме дел од изгубеното во минатото. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК ‘Битола’, кои не беа направени подолго време, вложивме средства и време и работа сè со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните. Но, нивната старост како постојки изградени во едно далечно минато ние не можеме да ја смениме. АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција, односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. Но, додека ги поставувавме проектите и ги спроведуваме, а некои и успеавме да ги изградиме, се случи енергетската криза“, рече Ковачевски.
Сепак, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW.
„Што се однесува до енергентите јаглен и мазут, тоа се енергентите што во моментот нам ни овозможуваат базна енергија како држава. Додека ние не ги изградиме гасните електрани во РЕК ‘Битола’, и додека не го изградиме ‘Чебрен’ како реверзибилна хидроелектрана и додека не се воведат масовно батериски системи за обновливите извори, ние ќе мораме да се потпираме на јаглен и мазут. И ние како АД ЕСМ, и Владата и сите други надлежни институции работиме во правец на зеленото сценарио и во однос на регулативата и во однос на активностите на терен“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Домашните производители на брашно следната недела ќе ги намалат цените

Производителите на брашно во државата следната недела дополнително ќе ја намалат цената на брашното, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил.
-Денеска бев информиран дека од наредна недела ќе следи дополнително намалување на цената на брашното, од нашите производители, објави Бектеши.
Претходно Бектеши соопшти дека Министерството за економија е отворено за конкретни предлози за други мерки, механизми и методологии но кои, како што нагласи, се одржливи. Досега добиле конкретен предлог само за укинување на сите царински давачки.
Економија
ЕСМ потпиша договор: ќе набавува природен гас за месец април со Макпетрол

ЕСМ Продажба донесе одлука за избор на набавувач на природен гас за месец април 2023г за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Природниот гас за април ќе се набави по фиксна цена од 53,60е/MWh, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол.
„Имено, на јавниот повик кој беше објавен на 20 март 2023г и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, се побаруваше испорака на 500 MWh до 1800 MWh количини гас дневно. На повикот пристигнаа две понуди.
Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните:
1. Макпетрол АД – Скопје понуди крајна фиксна цена од 53,60 е/MWh
2. Balkan Utilities од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 53,70 е/MWh
Со оглед на тоа што најниска фиксна цена понуди фирмата Макпетрол, донесена е одлука за избор на Макпетрол за добавувач на природен гас за април.
Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Република Северна Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија.
Овде сакаме да потенцираме дека ЕСМ Продажба и во овој четврти по ред јавен повик ги задржа истите услови и како носител на набавката за природен гас за месец април, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаа обезбедено гаранција и претходните добавувачи за изминатите месеци.
На крај, за нас како државни институции е професионално задоволство сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда“, велат преку соопштение од ЕСМ.
Економија
Државен пазарен инспекторат: Над 100.000 евра казна за прекршителите на замрзнатите цени

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 13.03 до 19.03.2023 година има извршено над 650 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија. Наплатени и издадени се над 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари.
„Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало
Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари.
Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на законите по кои постапува пазарниот инспекторат.
Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа.
Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“, велат преку соопштение од Државниот пазарен инспекторат.