Економија
(Видео) Анѓушев: Изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на самитот, кој се одржа во Солун, учествуваше и на панелот „Енергетски безбедносни предизвици во источен Медитеран“. Вицепремиерот Анѓушев на почетокот на своето обраќање се осврна на проектот за изградба на гасен интерконектор помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција и потенцира дека станува збор за клучен енергетски инфраструктурен објект, со кој се обезбедува повисока конкурентност за снабдување со природен гас.
„Во моментот се реализират градежни работи за комплетирање на примарниот гасоводен систем во Северна Македонија, со кој во системот ќе бидат поврзани сите поголеми градови во земјата, но за проектот за гасификација да биде комплетен, потребно е да се обезбеди и дополнителен снабдувач со гас покрај моментната гасоводна цевка со која се обезбедува гас од Република Бугарија и токму поради тоа во насока на подигнување на конкурентноста во снабдувањето, изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект. Република Северна Македонија е подготовена да почне со овој проект, обезбедени се финансиски средства, изработена е физибилити-студијата, проектирана е трасата и во тек е изработката на основниот проект и студујата за заштита на животната средина, кои ќе бидат готови набргу, а јавниот повик би требало да се објави на почетокот на 2020 година“, посочи вицепремиерот.
Осврнувајќи се на проектите поврзани со електричната енергија, Анѓушев посочи дека за стабилноста на енергетските системи важно е да се дискутира за енергетската инфраструктура, изворите за производство на електрична енергија, како и за либерализација на пазарите.
„Сметам дека преносните електроенергетски системи на Балканскиот Полуостров се сосема добро развиени да обезбедат сигурност на мрежата, но колку повеќе преносни мрежи имаме, дотолку подобро за да ги обезбедиме и прекуграничните капацитети помеѓу земјите.
Кога зборуваме за изворите за производство на електрична енергија во светот, сега се користи терминот енергетска транзиција, кој подразбира премин од конценционалните извори, како централи на јаглен или друг вид фосилно гориво, во производство од обновливи извори. Сметам дека Северна Македонија е добар пример на земја што почна да ја применува оваа транзиција, во моментот се одвиваат проекти за зголемување на производството од фотоволтаични централи по принципот на премиуми. Изненаден сум од интересот и подготвеноста на инвеститорите, кои не само што се подготвени да градат фотонапонски електрани по минимални премиум-тарифи туку се подготвени и да градат без никаков премиум, па и да се наддаваат за да ја добијат локацијата за изградба на ваков тип централа. Покрај зголемувањето на производството од фотоволтаици, работиме и на зголемување на производството од ветерни електрани и од мали хидроцентрали, од кои веќе над 70 се во функција, а речиси 35 во градба. Од моментните 100 мегавати инсталирана моќност од обновливи извори, со проектите што ги планираме и реализираме ќе стигнеме до инсталирана моќност од речиси 400 мегавати, што е четирипати повеќе“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Тој нагласи дека во блиска иднина го гледа регионот на Југоисточна Европа како единствен пазар на електрична енергија, со една берза за струја, што ќе донесе бенефит за сите граѓани од сите земји во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

