Економија
(Видео) Димитриеска – Кочоска: Ребалансот на буџетот во насока на предизборен поткуп

Ребалансот на буџетот е во насока на предизборен поткуп, обвини Гордана Димитриеска – Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, нема пари за стопанството кое едвај преживува, нема пари за земјоделците, нема пари за помош на невработените, нема пари за угостителите, за занаетчиите, но има пари за социјални трансфери кои се единствено предизборен поткуп кој ќе се плаќа повторно од сите граѓани.
„Внимавајте, планиран е буџетски дефицит од над 6%, кој ќе биде финансиран со нови и нови задолжувања, а притоа од тоа нема да има никаква корист никој освен кога се во прашање лукративните интереси на Зоран Заев. Со овој ребаланс се предвидуваат над 200 милиони евра за предизборен поткуп кој преставува грабеж на државната каса финансирана од граѓаните, а скриена во ставката субвенции и трансфери“, рече Димитриеска – Кочоска.
Таа вели дека најголем фокус на ваквиот ребаланс нема да биде индустријата и реалниот сектор, туку гломазната државна администрација. Со други зборови, додаде Димитриеска – Кочоска, уништената економија и клекнатото стопанството ќе треба да ја хранат дополнително администрацијата заради политичките и теснопартиските интереси на Заев и власта.
„Со ребалансот Зоран Заев секое семејство ќе го задолжи за НОВИ 400 евра. Замислете власта која го крена долгот на највисоко ниво од над 7 милијарди евра или околу 63% од БДП, продолжува да задолжува само и само заради тоа што Заев сака да се спаси од дебаклот на изборите. Овој ребаланс ќе ги задолжи семејствата со нови 400 евра. Зборува за повисоки планирани капитални инвестиции, а реализацијата заклучно со мај е одвај 22%“, рече таа.
Димитриеска – Кочоска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е против ваков ребаланс на буџет кој, како што рече, никако не може да се квалификува како развоен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.