Економија
(Видео) Доделен првиот сертификат за овластен економски оператор на „Европа“ АД Скопје
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа промоција на концептот овластен економски оператор на кој претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и директорот на Царинска управа на Република Македонија, Ѓоко Танасоски, го доделија првиот сертификат за овластен економски оператор на реномираната домашна компанија „Европ“а АД Скопје.
„Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надворешно-трговското работење кој произлегува како реформа од Берлинскиот процес и Протоколот 5 од ЦЕФТА и вклучување на македонските компании во регионалните и глобални синџири на снабдување. Со овие интеграциски процеси доаѓа до силно јакнење на регионалната економија, токму преку концепти како што се овластениот економски оператор, заеднички царински и гранични контроли, заеднички профили за анализа на ризик и размена на информации. Поседувањето сертификат за овластен економски оператор за компаниите ќе значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење надворешна трговија“, порача Заев во своето обраќање.
Директорот на Царинската управа, пак, изјави дека АД „Европа“ е првата фабрика што добива статус на овластен економски оператор, но во процес е издавање на уште три одобренија за ОЕО, а десетина други компании најавија поднесување барања.
„Со добивање на статус на ОЕО македонските компании покрај поволностите во царинското подрачје на Република Македонија, ќе може да ги добијат истите поволности во сите ЦЕФТА страни, односно можност за поголемо користење на поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола, како и други директни и индиректни поволности. Сето ова треба да придонесе за намалување на времето на царинење на стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на регионалните и европските пазари. Тоа треба да придонесе за зголемување на нивната професионалност, претприемачки дух и финансиски капацитети“, нагласи директорот Танасоски.
Тој додаде дека покрај ОЕО, со новиот систем за електронска обработка на царински декларации ќе се воведе концептот на дигитална царина, отворајќи потенцијали за поволно царинско окружување и раст на производството, извозот и инвестициите.
Директорката на домашната производствена компанија „Европа“ АД Скопје, Марика Караџова, во своето обраќање зборуваше за економските перформанси на компанијата, за значењето и придобивките што компанијата ќе ги има со добивањето на овој сертификат, за процесот на апликација и изрази благодарност до Владата на Република Македонија за поддршката што им ја пружа на компаниите преку Планот за економски раст за зголемување на конкурентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

