Економија
(Видео) Ковачевски на СЕФФ 2023: Местото на Северна Македонија е во ЕУ, со најдобрите и економски најразвиени земји
Со воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски го отвори третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“, во организација на Министерството за финансии.
На конференцијата свои официјални обраќања имаа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, како и еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан.
„Како никогаш досега Европа е свртена кон и е посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија.
Членството во Европската Унија зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од заемна корист и за едната и за другата страна.
Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со многубројни предизвици. Глобалните случувања изминативе години, кои го променија светот во целост, имаа големо влијание и врз економиите на земјите од регионот. Европската Унија за земјите од Западен Балкан даде вистинска шанса да се интегрираме во Унијата.
Особено е важен најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која на форум во Братислава во мај годинава ја промовира заедничката цел на забрзување на процесот на евроинтеграциите. Овој план ни отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата“, рече премиерот Ковачевски.

„Гледајќи низ објективни показатели, Северна Македонија во последните неколку години, со отворената европска политика на оваа Влада, ја одржува економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш.
Нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Ќе направам неколку споредби, со членството на Северна Македонија во НАТО, каде што овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата, со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја како значајна порта за влез на европскиот пазар. Стапката на невработеност за разлика од 2016 кога беше речиси 24 %, денес е намалена на 14 %. За само една година, имаме зголемена вработеност од 9,5 % во државата.
Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022 година, по пандемијата на Ковид-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.
Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, изнесуваат 2 милијарди евра. Ако во тоа време изнесувале 600 милиони евра, денес само во една година новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.
За споредба, во 2016 година минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето-плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година просечната нето-плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.
Првпат донесовме и системско решение за раст на пензиите. Просечната пензија е зголемена 40 % во однос на тоа што беше во 2016 година, просечната пензија изнесуваше околу 13.700 денари, а денес во 2023 година таа изнесува над 19.000 денари и ќе следува ново покачување од 6 % овој месец.
Нашите пензионери се вградиле во оваа држава и заслужуваат достоинствен и пристоен живот и тоа на уште повисоко ниво со блиското членство на нашата држава доколку се донесат потребните одлуки во Собранието.
Во изминатите 5 години Северна Македонија е носител на позитивни политички и економски текови, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис-заедницата, вложуваме во функционално, модерно, поврзување на нашата земја со целиот регион, со капитални инвестиции во патната инфраструктура се отвораат нови европски рути“, изјави премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„ЛИДЛ“ почна изградба на маркет во Гевгелија: Инвестиција што носи раст, нови вработувања и поддршка за домашните производители
Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри. Дополнителна придобивка за купувачите ќе бидат и предвидените 130 паркинг места, што ќе овозможат удобно и практично пазарење.
Со реализацијата на овој проект Lidl ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.

Директорот за недвижности во Лидл Северна Македонија, Гоце Гаврилов, истакна дека инвестицијата во Гевгелија е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економија.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.

Тој потенцира дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција е значаен чекор за развојниот потенцијал на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во идниот период“, изјави Сарамандов.
Lidl е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.
ПР
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.
Економија
Халк Моби ПОС, ново дигитално решение за компаниите од Халкбанк
Во денешното динамично и дигитално време, кога брзината, флексибилноста и едноставноста се клучни за успехот на секој бизнис, Халкбанк АД Скопје континуирано инвестира во иновативни решенија што ги следат потребите на современите трговци. Во таа насока, Банката ја воведува новата услуга Халк Моби ПОС (Halk Mobi POS), која што претставува напредно решение што овозможува прифаќање плаќања со картички директно преку мобилен телефон или таблет.
Практично решение и секогаш со вас
Халк Моби ПОС го претвора вашиот паметен уред, телефон или таблет, во сигурна алатка за наплата во продавница, на терен, на настани или при испорака кај клиент.
Процесот на користење е брз и едноставен. Потребно е да ја инсталирате апликацијата Халк Моби ПОС на својот уред и по активирањето, тој станува терминал за бесконтактни плаќања.
Купувачот само ја доближува својата картичка нана телефонот/таблетот, а трансакцијата се обработува во реално време и се потврдува за неколку секунди.
Клучни предности за вашиот бизнис
Со користење на Халк Моби ПОС, добивате низа значајни придобивки. Се овозможува прифаќање плаќања каде и да сте, без ограничување на локација, при што не е потребна дополнителна опрема, односно нема потреба од посебен ПОС уред. Трансакцијата е безбедна и брза, со високо ниво на заштита и моментална обработка. Се добива и преглед на сите трансакции во реално време, а со тоа и подобра контрола и транспарентност во работењето.
Ова иновативно решение е идеално за мали и средни бизниси, самостојни трговци и теренски продавачи кои сакаат брзо, безбедно и едноставно плаќање, каде и да се наоѓаат.
Едноставна постапка за аплицирање
За користење на Халк Моби ПОС, потребно е да се поднесе апликација во една од филијалите на Банката, по што барањето се процесира и услугата се активира во најкраток рок.
Со Халк Моби ПОС, Халкбанк АД Скопје продолжува да инвестира во дигитални решенија што им помагаат на бизнисите да растат, да бидат поконкурентни и поблиску до своите клиенти. Оваа услуга претставува сигурен партнер за секој трговец кој сака да понуди современо искуство за плаќање и да го унапреди своето работење.
За повеќе информации и активирање на услугата, посетете ја најблиската експозитура на Халкбанк или официјалната веб-страница на Банката.
ПР

