Економија
(Видео) Милевски: РЕК „Битола“ го води принуден управник и произведува политичка струја
„РЕК ‘Битола’ работи со минимален капацитет, со тоа се доведува снабдувањето на струја среде грејна сезона. РЕК ‘Битола’ има принуден управник, в.д. управник, тутор на генералниот директор на РЕК ‘Битола’ или што има? Ова прашање се слуша последните неколку месеци во Битола откако во РЕК ‘Битола’ производството на електрична енергија од ден на ден е сè помало и понеизвесно дали ќе работи РЕК ‘Битола’ или поради немање јаглен, ќе се исклучат сите три блока“, изјави Пеце Милевски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Битола.
Според него, човекот за кој се зборува дека е принуден управник е Љубчо Кижевски, помошник-директор за производство на АД ЕЛЕМ Скопје, кој сега е во функција на генерален директор на РЕК „Битола“.
„Кижевски често шета во РЕК ‘Битола’ со придружба на физичко обезбедување за на висок тон да сее страв меѓу вработените со закани за казнувања или бркања. Вработените се сомневаат дека тој однос е последица на неговата нестручност зашто моментниот проблем е немањето јаглен, а принудниот е електроинженер. Но, сега за битолчани остануваат неразјаснети многу прашања: зошто на генералниот директор на РЕК ‘Битола’, Златко Ќурчиевски, кој има над дваесетгодишно работно искуство во комбинатот, му е испратен принуден стручњак, кој никогаш нема работено во РЕК ‘Битола’ и е кадар на РЕК ‘Осломеј’ ,кој не работи повеќе години и секогаш работел полошо од РЕК ‘Битола’ и е пред затворање? Дали Кижевски е испратен од генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, да го контролира Ќурчиевски како директор на РЕК ‘Битола’, како претседател на општинската организација на СДСM во Битола? Дали со присуството на Љубчо Кижевски во РЕК ‘Битола’ се подобри состојбата за производството или резултатот од неговата работа е повторно поплавен рудник, празна депонија и минимално производство на електрична енергија?
ВМРО-ДПМНЕ – Битола како конструктивна опозиција му предлага на генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, поранешен пратеник на СДСM и поранешен претседател на општинската организација на СДСM во Битола, внатрепартиските борби да ги решава во рамките на партијата, а не преку работењето на АД ЕЛЕМ и РЕК ‘Битола’, каде што жртви се стабилноста на енергетскиот систем на државата, вработените и сите граѓани на Република Македонија. Ова ќе го постигне само ако си поднесе оставка на сегашната функција од причина неспособност и комплетно да си се посвети на својата политичка кариера, која изгледа дека е на залезот, а со тоа и на РЕК ‘Битола’ ќе му обезбеди барем посветла и подобра иднина“, изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

