Економија
(Видео) Митева: Оперативниот план низ 9 стратешки и добро темпирани мерки ќе допре до над 16.000 граѓани

Оперативниот план низ 9 стратешки и добро темпирани мерки ќе допре до над 16.000 граѓани, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Оперативниот план за вработување за 2025 година не е уште еден документ – тој е одговор на едно суштинско прашање: Како да ја претвориме економската стабилност во животна стабилност? Со рекордни 40 милиони евра, ова е најамбициозниот план досега, кој ќе допре до над 16.000 граѓани низ девет стратешки и добро темпирани мерки. Но, зад бројките стои нешто поголемо – одлуката да водиме економска политика што почнува и завршува со граѓаните“, рече таа.
Во време кога довербата во институциите се гради тешко, државата е подготвена да ја покаже грижата – конкретно и мерливо.
Таа рече дека Поддршката за самовработување опфаќа три категории: за невработени лица до 29 години која според проекциите, има опфат од 720 лица, а финансиската рамка е 615.000 денари неповратни средства, втората категорија се невработени лица над 29 години која опфаќа 610 лица, а овде финансиската рамка е 430.000 денари неповратни средства и понатаму, доаѓаме до Поддршката за вработување на здружување во друштво со ограничена одговорност, кое е предвидено да опфати 400 лица. Е сега овде ќе може да се направи разлика во однос на финансиската рамка затоа што најнискиот износ од 861.000 денари ќе се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години.
„Втората мерка за која што ќе зборувам е Поддршката за креирање на нови работни места и оваа мерка опфаќа нови работни места во микро, малите и средните претпријатија и граѓанските организации. Опфатот на мерката е за 1.570 лица. Втората категорија тука, која што е исклучително важна да ја споменеме, е Поддршката за вработување на лица со попречености и оваа мерка опфаќа вработување на 150 невработени лица“, рече Митева.
Според неа, овие две мерки не се само технички категории – тие се политичка одлука да ја промениме логиката на државната поддршка: од пасивна контрола на невработеноста кон активна мобилизација на талентот што го имаме, но предолго бил заборавен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).