Економија
(Видео) Тренов: Владата итно да го реши проблемот со откуп на зелката

СДСМ никогаш не водел сметка за земјоделците и не води политики со кои ќе ги реши нивните проблеми. Земјоделците осиромашуваат, а СДСМ не знае да се справи со ниските откупни цени на земјоделските производи. Тоа го потврдува фактот дека од нивното доаѓање на власт бевме сведоци на незадоволство од ниските цени на голем број од земјоделските производи праски, бостан, јачмен, ориз, јагне и итн. Состојбата кулминира вчера кога со биењето на камбаните во с. Муртино, Струмичко, земјоделците очајно повикуваа на помош за справување со драстичниот пад на цената и намалувањето на откупот на пролетната зелка. Ја повикуваме Владата да престане да се расфрла со пари за срамни збирки, скапи советници кои ништо не работат и да им помогне и да го реши овој проблем, изјави Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Зоран Заев во предизборието вети мерки со кои ќе го регулира откупот на земјоделските производи. „Еве што ги лажеа земјоделците додека им требаа нивните гласови: задолжително договарање на цената на земјоделските производи преку договарање на откупот и цената помеѓу земјоделците и откупувачите, најрано 30 дена пред откупот. Притоа уште и наведуваа дека ќе бидат гарант за откупувачите. Сведоци сме дека во моментот, иако сезоната за откуп на зелката е во полн ек, ниту е договорена цената ниту има откуп. СДСМ вети дека ќе формира интервентен фонд токму за овие намени, поточно помош во кризни состојби при пласман на земјоделските производи, квантифициран на 6 милиони евра. Во моментот ниту е формиран фондот ниту ги има средствата, што самото по себе укажува на уште едно лажно ветување. Ветуваа поддршка за изнаоѓање нови и алтернативни пазари, но не само што не изнајдоа нови туку ги затворија и пазарите што со макотрпна работа ги изнаоѓаше и ги развиваше владата на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Тренов.
Според него, оваа состојба уште еднаш ја докажува неспособноста на Владата предводена од СДСМ да се справува со проблемите на земјоделците. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Владата итно, во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој, да ги примени мерките за стабилизација на пазарите, кои се пропишани за вакви кризни состојби, со што ќе дојде до стабилизирање на цената на зелката. Исто така, Државниот инспекторат за земјоделство како надлежна институција за контрола при откуп на земјоделските производи, да ги активира контролите на терен за да елиминира каква било манипулација со производителите на зелка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.