Економија
(Видео) Тренчевска и Мурати со отчет за 2021: Најатрактивни биле самовработувањето и обуките за дигитални вештини

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, денеска одржаа прес-конференција на која ја презентираа реализацијата на Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за 2021 година.
„Иако реализацијата на Оперативниот план за 2021 година претставуваше голем предизвик со оглед на тоа дека светската пандемија предизвикана од Ковид-19 ја одбележа и целата 2021 година, сепак имаме високи 94,6 % реализирани мерки, со кои опфативме 11.292 невработени лица“, рече министерката Тренчевска.
Таа посочи дека ваквата одлична реализација се должи на посветеноста на сите институции кои учествуваа во имплементацијата на планираните активности во рамките на секоја програма и мерка, а особено Агенцијата за вработување.
Притоа, биле реализирани 1,5 милијарди денари, од кои 593 милиони денари за поддршка за креирање нови работни места.
„Стопроцентна (100%) реализација бележиме на мерката за самовработување, која ја искористија 1.877 лица, додека, пак, 2.194 лица се вклучени во реализација на мерката ‘Поддршка за креирање нови работни места’, која претежно се однесува на потешко вработливите лица. Тоа се над 4.000 илјади лица, вработени преку овие две мерки. Младите се нашата иднина и секој поттик и вложување во нив е влог во нашата иднина, во иднината на нашата држава. Затоа, продолжи користењето на младински додаток за лица до 23 години, со цел да се мотивираат младите да се вклучат во производствените дејности и земјоделството. Со оваа мерка се опфатија 3.787 млади лица, што значеше надминување на очекуваните резултати и се постигна реализација од 151,5 %. Ова нè охрабрува и понатаму да издвојуваме средства и да подготвуваме програми кои ќе ги мотивираат младите да се вработуваат“, рече Тренчевска.
Таа го истакна и високиот процент од 91% на мерката „Практиканство“, која исклучиво се однесува на млади невработени лица.
Директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, посочи дека позитивен поттик за невработените лица да се вклучат на пазарот на трудот претставуваат програмите и мерките кои имаат за цел стекнување и дополнување на знаењата и вештини на невработените лица заради зголемување на нивната вработливост и конкурентност.
„Најголема искористеност оваа година се забележа кај обуките за развој на дигитални вештини во кои беа вклучени 400 невработени лица и мерката имаше 100% реализација. На тој начин невработените лица станаа поконкурентни и добија вештини кои во моментов се најбарани на пазарот на трудот. Максимална искористеност имаше и обуката за возачи за Ц и Д категорија во која беа вклучени 50 лица“, рече Мурати.
Министерката Тренчевска посочи дека Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а успешно го имплементира проектот Гаранција за млади веќе четири години по ред, проект во чиј фокус се млади, невработени лица до 29 години. Додаде и дека резултатите од спроведувањето на Гаранција за млади во период од 01.01.2021 до 31.12.2021 година се 19.298 вклучени млади невработени лица од кои 14.428 (74,8%) се жени.
„Еден од приоритетите на Владата на Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика е и поддршката за вработување на лица со попреченост“, рече министерката Тренчевска, која информираше дека 157 лица со попреченост веќе имаат потпишано договори за вработување, преку активните мерки и програми на Оперативниот план.
„Користејќи ги искуствата од реализацијата на Оперативниот план во 2021 година во однос на мерките кои беа најатрактивни и за кои се покажа најголем интерес го креиравме Оперативниот план за 2022 година во износ од 28 милиони евра, (1.73 милијарди денари)“, додаде министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.