Економија
(Видео) Цветановска: Мицкоски досега им остави време на трговците да ги качуваат цените, намалувањето не е реално
Таканаречената „новогодишната кошничка“ е нова измама на граѓаните од страна на власта. Мицкоски намерно им остави време на трговците да ги качуваат цените, за сега, кога ќе се намалат, да нема никакво реално намалување, истакна на прес-конференција, Симона Цветановска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Таа изјави дека пред воведување на „лажната кошничка“, трговците ги покачија цените на основните прехранбени производи за 15-20 отсто, со што ударот врз домашниот буџет на граѓаните стана уште посилен. За ова секојдневно сведочат граѓаните.
„Конкретно, ако ги погледнеме цените во маркетите:
Пакување од 10 јајца сега се 90 денари, а неодамна чинеа 75 денари.
До пред две недели зејтинот се продаваше за 82 денари – сега е 89 денари.
Цената на кашкавалот најмногу се зголеми и сега е околу 500 денари за килограм.
За килограм кашкавал граѓаните сега мора да платат 497 денари, а беше 429 денари. Речиси 70 денари зголемување за кило. Исто е и со многу други производи.
„Новогодишната кошничка“ е само евтин ПР да се прикаже дека Владата нешто прави, додека суштински ништо не се менува.Ова не е „грижа за граѓаните“, ова е измама“, изјави Цветановска.
Додаде дека додека граѓаните се борат за основните потреби, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ уживаат во комфор и високи плати.
Според СДСМ, вистинска мерка којашто ќе донесе реално и долгорочно намалување на цените е предлогот за укинување на ДДВ на храната. Ова е мерка којашто ќе трае цела година, а ефектите граѓаните ќе ги чувствуваат реално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

