Економија
Владата го усвои дополнителниот ребаланс на Буџетот кој обезбедува 4,1 милијарда денари за плати и 5 милијарди за пензии

На владина седница усвоен е дополнителниот ребаланс на Буџетот кој меѓудругото предвидува над 4 милијарди денари дополнителни средства за исплата на плати и 5 дополнителни милијарди за пензии.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека усвоениот буџет ќе биде испратен повторно во Собранието за негово разгледување и усвојување на пленарна седница.
Кочоска истакна дека дополнетиот Ребаланс на Буџетот за 2024 година одговорил на неколку дополнителни предизвици за кои се појавило потреба да се направи надополнување во буџетите на одредени буџетски корисници.
„Со дополнувањето кое ќе го доставиме на усвојување во Собранието се обезбедија надополнувања во: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народен правобранител и слично. Поконкретно, со надополнувањата се обезбедуваат средства за исплата на плати, како и за набавка на опрема. Меѓу другото во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекциски совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари се наменети за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138.000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Ребалансот го опиша како надграден документ со кој се надоместени пропустите во планирањето на иницијалниот Буџет и обезбедени се средства за исплата на сите права во согласност со законот. На тој начин, според министерката, обезбедени се средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината, средства за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, за здравство и слично.
Конкретно, со ребалансот се обезбедуваат над 4 милијарда денари дополнителни средства за исплата на плати. Димитриеска-Кочоска изјави дека тоа се средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемувањето на платите согласно потпишаните колективни договори и законските решенија кои беа донесени по усвојување на Буџетот за 2024 година и тоа:
Колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научно истражувачката дејност,
Усогласување со минималната плата за вработените каде минималната плата претставува компонента на основната плата
Усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработени5 те во јавниот сектор и ова право ќе биде исплатено со септемвриската плата на вработените
Ребалансот предвидува и 5,1 милијарди денари дополнително за исплата на пензии. За корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка од околу 800 милиони денари. За здравствена заштита обезбедени се дополнителни 1,7 милијарди денари, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски,
Дополнително обезбедени се и 1 милијарда денари за ТИРЗ, за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари. за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии.
Со ребалансот на Буџетот се издвојуваат 6 милијарди денари за проекти во општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.