Економија
Владата: Со неприфаќањето на уредбата на ВМРО-ДПМНЕ ја штитиме личната сопственост на 500 илјади осигуреници
Уредбата со законска сила за ограничување на преносот на придонесот за задолжителното и капитално финансиско пензиско осигурување, која на денешната седница ја предложи ВМРО-ДПМНЕ преку својот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, е на штета на осигурениците и од тие причини Владата не ја прифаќа, информираат од владината прес-служба преку соопштение.
Со уредбата е предвидено од април до крајот на 2020 година да не се врши уплата на задолжителниот дел од придонесот за пензиско осигурување на осигурениците во приватните пензиски фондови, а тој да се компензира на сметките на осигурениците во период од три фискални години, почнувајќи од 2022 година.
„Како Влада што е одговорна кон секој поединец во државата, сметаме дека е неодговорно да се манипулира со средствата на граѓаните“, велат од Владата.
Оттука, нагласуваат дека средствата за пензиски придонес се сопственост на постојните осигуреници – идни пензионери и со оваа уредба предложена од ВМРО-ДПМНЕ директно би се засегнала личната сопственост на речиси 500 илјади осигуреници.
Понатаму, како што велат од Владата, исплатата на платите за март во април е веќе во фаза на реализација, а со тоа и преносот на средства на оние осигуреници што зеле плата е реализиран на нивните сопствени сметки во приватните фондову.
„Не е прикажана финансиска проекција со која би се презентирал очекуваниот фискален ефект од оваа Уредба врз ликвидноста на буџетот на Фондот за пензиско осигурување, особено во услови кога се очекува намалена наплата на придонес за пензиско осигурување. Средствата на осигурениците во приватните пензиски фондови во најголема мера се пласирани во државни хартии од вредност, со кои се финансира дефицитот на буџетот на Република Северна Македонија, а со тоа индиректно е обезбедено и финансирање на дефицитот на Фондот за ПИОМ. Со оваа уредба на ВМРО-ДПМНЕ привремено се дерогира целокупниот пензиски систем, кој и онака е предмет на континуирани реформи во изминатите неколку години со цел целосно расчистување на сите права и обврски како на осигурениците така и на корисниците на пензии“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

