Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Енергетскиот систем на Македонија речиси се распрсна после неполн месец од стартот на грејната сезона
Енергетскиот систем на Македонија речиси се распрсна како меур од сапуница после неполн месец од стартот на грејната сезона! Иако температурите се далеку над нулата македонија веќе увезува речиси половина од потребната енергија за регулираниот пазар. Но, самобендисаното фалење и неспособноста набрзо ја покажаа сосема реалната состојба во енергетиката, каде состојбата е особено катастрофална, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека термоелектрани Битола работат само со еден блок, односно со БЛОК 2 после испадот на БЛОК 1 во РЕК Битола поради пукање на цевки во котелот на Блок 1 кој е директна последица од нестручниот ремонт и неквалитетниот јаглен кој се носи на депонија со големи количини на земја и песок. Веќе еден месец надвор од систем е и ТЕЦ Неготино и се крие хаваријата која е предизвикана директно од нестручно ракување кое го зголемило дефектот и предизвикало горење на статорска намотка од генератор. ХЕЦ Глобочица е надвор од енергетскиот систем поради дефект на мрежата !!!
Хидроелектраните се на најниско можно ниво од околу 18 % и не се во погон поради незнаење и трошење на ресурсите со водните акумулации. Моментално ги трошат и оние мали количини вода што се зафатија со последните дождови.
РЕК Осломеј се трансформира во мазутара и троши мазут. Ископ на јаглен речиси нема, и се увезува. Интересно би било да се знае со кој договор и по која цена се врши тој наводен увоз на јаглен. Термоелектраната работи со несоодветен јаглен полн со сулфур и засилено ја загадува животната средина. Термоелктраната работи далеку под технички дозволениот минимум и така се уништува основната опрема на котелот и турбината.
РЕК Битола е во очајна состојба. При првиот снег или дожд да заврне, рудниците ке се во колапс. Рударски машини ниту се соодветно водени, ниту пак истите редовно се одржуваат. Квалитетот на јагленот е катастрофално лош. Полн со силикати и јаловина(земја) со што се предизвикува директно оштетување на котлете што е и директна последица за испаѓање на БЛОК 1. Исто така се троши мазут во огромни количини.
АД ЕСМ овој месец не го исполнува производствениот план и увезува електрична енергија по екстремно високи цени на што раце тријат Нарко картелот од Муртино и ЕКС Вицепремиерот . Најстрашно е што ова се случува во ноември, кога сите производни капацитети би требало да бидат спремни за погон.
Од партијата потсетуваат дека само пред еден и пол месец фигурата поставена за генерален директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски ја замајуваше јавноста дека од средината на декември 2022 година, РЕК Битола ќе работи со полн капацитет со три блока. А денес работи со еден БЛОК со половина снага и подршка од мазут.
Според ВМРО-ДПМНЕ раководството на СДСМ не може да ги реши овие состојби затоа што тие ја доведоа енергетиката во колапс. Наместо тоа, тие се занимаваат со меѓусебни расправии кој е крив за ваквата состојба и си прават прослави по канцелариите во РЕК Битола со ракија, пушење цигари и слики од ваквите настани на социјалните мрежи директно од работното место.
Од министерствата и од Влада се најавуваат проекти и агенда за Зелено сценарио и продажба на енергетски јавни компании или јавно приватни партнерства како и затворање на рудниците во Битола а во Кичево веќе во наредната 2023 година. Следи ли најава за уште еден “бонбона“ бизниси со продажба на АД ЕСМ режиран повторно од СДСМ. Тоа ли е причината зошто се носи во колапс АД ЕСМ?
Од партијата наведуваат дека подолг период укажувале дека АД ЕСМ е во колапс и дека Владата ја доведе состојбата да има само две решенија: драстично да се покачи цената на електрична енергија за домаќинствата после нова година или АД ЕСМ да оди во колапс со катастрофални последици за стопанството и населението.
ВМРО-ДПМНЕ се загрижени за натамошната иднина и згрозени од нестручноста, безобразието и лошото раководење и безидејност и бараат веднаш оставка од комоплетното раководство на АД ЕСМ.
Не само што не дозволивте реконструкција на филтрите во РЕК Битола ,не само што не го решивте лроблемот со одлагањето на пепелта и загадувањето во Битола, туку и уништивте еден гигант кој години после Вас не ќе може да се донесе во погонска спремност.
Доста е ! Оставка! За Македонија се работи, а таа поважна од сé, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

