Економија
Во последните седум дена извршени 4.817 надзори и контроли, затворени се пет угостителски објекти
Во периодот од 11 до 17 јануари од страна на седумте инспекциски служби се спроведени вкупно 4.817 надзори и контроли. При спроведените надзори, Државниот пазарен инспекторат изрече 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози. Во истиот период се забележува намалување на бројот на издадени решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус.
Во изминатите седум дена Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 117 надзори, врз основа на кои изрече 20 решенија. При тоа, овој инспекторат, којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 6.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица, со што продолжува трендот на опаѓање на решенија за изолација.
Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршија 3.159 контроли и 582 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна и според материјалните закони. При спроведените надзори, изречени се 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти, и тоа за два угостителски објекта во Скопје и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово и Куманово, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози.
Во периодот од 11 до 17 јануари Инспекторатот за транспорт изврши 39 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: три прекршочни пријави и едно решение. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, минатата недела не се констатирани прекршувања, односно непочитување на протоколите за превоз на патници.
Државниот инспекторат за труд во изминатите седум дена изврши 547 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрече 19 решенија и четири прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, осум решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места, а дополнително согласно овој закон се издадени четири ППН заради неносење заштитна маска на работно место.
Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД во истиот период спроведе 18 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата, односно за формирани цени на заштитни средства од корона и при истите не се констатирани неправилности.
Агенцијата за храна и ветеринарство изврши 318 надзори, при што издадени се 16 решенија, 24 едукации и 1 налог, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување на производи.
Државниот инспекторат за животна средина во текот на минатата недела изврши вкупно 37 надзори. Притоа, за констатираните неправилности од областа на животната средина инспекторите донесоа девет решенија согласно Законот за водите и Законот за управување со отпад за правни субјекти од Радовиш, Струмица, Ресен и Општина Илинден. Согласно епидемиолошките насоки, од утре стапува на сила новото работно време за угостителските објекти до 21 часот. Со оваа одлука завршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензинските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети. Инспекциските служби и во следниот период ќе продолжат со интензивни контроли на терен во делот на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

