Економија
ГДУ: Да се воведе еднократен паушален надомест за користење на автопатиштата без ограничување

Наместо властите да се знимаваат и да размислуваат за воведување што повеќе патарини, подобро ќе биде да ги засукаат ракавите и да го направат она што уште пред многу години требаше да се направи – да се воведе еднократен паушален надомест за користење на автопатиштата без ограничување, кој овозможува тоа да го правите за време од 7 или 10 дена, еден месец или цела година, како што е во Швајцарија, велат од Граѓанско-демократската унија.
„Овој систем го има и во Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка, Бугарија. Сличен систем има и во Австрија. Надлежните најавуваат пет рампи од Скопје до Гевгелија наместо досегашните три. Граѓанско-демократската унија смета дека моделот на плаќање е веќе застарен, но и премногу скап, особено за оние што секојдневно локално патуваат. Остро реагираме на ваквите најави и бараме плаќање како во Европа. Во спротивно, ако ништо не се промени, покрај останувањето на сите криманални недостатоци на досегашната наплата и возење по уништени автопатишта, Македонија ќе стане и светски рекордер по број наплатни рампи на жител“, порачаа од ГДУ.
ГДУ предлага да се воведат месечни, неделни и годишни претплати со налепници, со што граѓаните ќе заштедат, а метежот и чекањето на нашите патарини во критичните периоди ќе стане минато.
„Денес во Европа има неколку начини на плаќање на патарините на автопатиштата, но само во Македонија на секои 20-30 километри се инсталирани наплатни рампи и времето што го штедиме во возење по автопат го трошиме во застанување на патарини. Ова мора да се промени!
Само со европски мерки сме поблиску до Европа!“ се додава во соопштението на Граѓанско-демократската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Шефот на „Рајанер“: Крај на ерата на евтини летови од 10 евра

Мајкл О’Лири, извршен директор на „Ryanair“, изјави дека ерата на евтини билети од 10 евра е завршена и дека нискобуџетната компанија повеќе нема да нуди летови по најниски цени поради зголемените трошоци за гориво.
Просечната цена на билетите на авиокомпанијата ќе се зголеми од околу 40 евра минатата година на околу 50 евра во следните пет години, изјави О’Лири за Би-Би-Си, додавајќи дека верува дека луѓето ќе продолжат да летаат често, и покрај зголемените трошоци за живот.
„Нема сомнеж дека на пазарот со ниски цени, нема да ги видите нашите навистина евтини промотивни цени од 9,99 евра во следните неколку години“, рече О’Лири.
Зголемените цени на енергијата што ги зголемуваат цените на авионските билети, исто така, ги зголемуваат сметките за електрична енергија во домаќинствата, намалувајќи ги расположливите приходи на луѓето.
Шефот на „Ryanair“ е на мислење дека, и покрај тоа, клиентите нема да ги намалат летовите, туку ќе бараат поевтини опции.
„Сметаме дека луѓето сè уште ќе летаат многу. Мислам дека луѓето ќе станат многу почувствителни на цените и затоа ќе ги тргуваат своите милиони на основа на продажба-повисоко-купи-пониски“, рече тој.
Би-Би-Си забележува дека комерцијалните летови сега сочинуваат околу 2,4 отсто од глобалните емисии на CO2, а воздухопловниот сектор се соочува со притисок да го намали неговото влијание врз климата, со кампања да ги убеди луѓето да се префрлат на железничкиот и патниот транспорт.
О’Лири, сепак, тврди дека патиштата и превозот придонесуваат повеќе за севкупните емисии на CO2 и дека фокусот на намалување на емисиите од воздушниот транспорт е погрешен.
Тој изјави дека „Ryanair“ инвестира во поефикасни авиони и заклучи дека поголемо намалување на употребата на фосилни горива ќе дојде од префрлањето од бензин и дизел кон електрични патни возила.
Економија
Од полноќ стапува во сила забраната за увоз на руски јаглен во ЕУ

Со завршувањето на преодниот период стапија во сила пакет-санкциите што земјите од ЕУ ги усвоија во април, а кои вклучуваат забрана за увоз на јаглен од Русија.
Така, се забранува купување, увоз или трансфер во ЕУ на јаглен и други цврсти фосилни горива по потекло или извезени од Русија, во вредност од осум милијарди евра годишно.
Првата од енергетските санкции на ЕУ против Русија беше забраната за купување јаглен. Забраната за увоз на нафта од Русија се очекува да стапи во сила во декември.
Русија беше земјата што испорача најмногу јаглен до земјите на ЕУ, околу 25 отсто од нејзиниот извоз на јаглен беше во Европа.
Од друга страна, земјите од ЕУ добија 45 отсто од вкупниот увоз на јаглен и 70 отсто од термичкиот јаглен што се користи за производство на електрична енергија од Русија.
Според податоците на руското Министерство за енергетика, Русија во 2021 година на ЕУ ѝ продаде 48,7 милиони тони јаглен, пренесе „Танјуг“.
Економија
Државата нема контрола како се враќаат парите од ковид-мерките, тоа ќе ја чини 23 милиони евра

Државата не предвидела како ќе го контролира враќањето на доделените средства за финансиска поддршка на работодавците и физичките лица за време на пандемијата, а тоа што институциите немаат целосни податоци колку пари досега се вратени во буџетот, ќе резултати со намалени приходи од 23 милиони евра во државниот буџет, откри ревизијата за Државниот завод за ревизија.
Според анализата на ревизијата, работодавците и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање придонеси и исплата на плати вратиле само 29 % од пресметаната обврска за враќање, што како ефект има помалку вратени средства во буџетот во износ од 16 милиони евра.
Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности, ревизорот смета дека постои ризик правните субјекти што не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во буџетот во износ од седум милиони евра.
„Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра“, се вели ревизорскиот извештај.
ДЗР изврши ревизија на преземените мерки и политички за поддршка на вработувањата и професиите погодени од економската криза предизвикана од Ковид-19, а извештајот дава одговори дали мерките биле ефикасни креирани, реализирани и контролирани од институциите.
„Со ревизијата ги опфативме планирањето и реализацијата на шесте пакети економски мерки донесени од Владата на РСМ во 2020 и 2021 година во делот на мерките за финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавците за исплата на плати, финансиска поддршка за физички лица што вршат самостојна дејност, паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза – поддршка за спортистите, самостојните уметници и културните работници. Со оваа ревизија на успешност опфативме 36 % од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку владината програма ‘П-мерки за справување со ковид-кризата’, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра), од кои реализирани се 11.512.447 илјади денари“, велат од Државниот завод за ревизија.
Нецелосните податоци за бројот на работодавци што ја исполниле или не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и како ефект има помалку вратени средства и остварување помали приходи во буџетот.
Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени или исплатени средства на корисниците што се презентираат од разни
надлежни институции.
„По спроведената реализација на мерките за финансиска поддршка на работодавците за исплата на плати, УЈП има утврдено дека одреден број работодавци – корисници на поддршка им немаат исплатено плата на вработените. Бројот на работодавци што не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари, што како ефект има ненаменско располагање со доделената финансиска поддршка. Ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53 % од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавци за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дека некои од работодавците искористиле средства од финансиската поддршка, без исполнување предвидени услови со уредбите и законите“, открива извештајот.
Орце Костов