Економија
ГДУ: Да се воведе еднократен паушален надомест за користење на автопатиштата без ограничување

Наместо властите да се знимаваат и да размислуваат за воведување што повеќе патарини, подобро ќе биде да ги засукаат ракавите и да го направат она што уште пред многу години требаше да се направи – да се воведе еднократен паушален надомест за користење на автопатиштата без ограничување, кој овозможува тоа да го правите за време од 7 или 10 дена, еден месец или цела година, како што е во Швајцарија, велат од Граѓанско-демократската унија.
„Овој систем го има и во Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка, Бугарија. Сличен систем има и во Австрија. Надлежните најавуваат пет рампи од Скопје до Гевгелија наместо досегашните три. Граѓанско-демократската унија смета дека моделот на плаќање е веќе застарен, но и премногу скап, особено за оние што секојдневно локално патуваат. Остро реагираме на ваквите најави и бараме плаќање како во Европа. Во спротивно, ако ништо не се промени, покрај останувањето на сите криманални недостатоци на досегашната наплата и возење по уништени автопатишта, Македонија ќе стане и светски рекордер по број наплатни рампи на жител“, порачаа од ГДУ.
ГДУ предлага да се воведат месечни, неделни и годишни претплати со налепници, со што граѓаните ќе заштедат, а метежот и чекањето на нашите патарини во критичните периоди ќе стане минато.
„Денес во Европа има неколку начини на плаќање на патарините на автопатиштата, но само во Македонија на секои 20-30 километри се инсталирани наплатни рампи и времето што го штедиме во возење по автопат го трошиме во застанување на патарини. Ова мора да се промени!
Само со европски мерки сме поблиску до Европа!“ се додава во соопштението на Граѓанско-демократската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Рама: Блиску сме до откривање гас и нафта во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека компанијата „Шел“ е многу блиску до важно откритие за гас и нафта во Албанија, што во голема мера ќе влијае не само на иднината на земјата туку и на енергетската иднина на Европа.
„Полни сме со надеж дека набргу ќе можеме да ја известиме јавноста во нашата земја и во регионот, но и надвор од него, за едно многу важно откритие на кое работи ‘Шел’ во нашата земја. Тие одбиваат да зборуваат за тоа, но има знаци дека сме блиску до многу важно откритие за гас и нафта“, рече Рама за време на неговата посета на Холандија.
Рама денеска разговараше со претставници на холандски компании, кои работат во Албанија, и други инвеститори заинтересирани за проширување на активностите, јави албанската новинска агенција АТА.
Во мај 2019 година „Шел“ објави дека истражувањата во близина на градот Берат, во централна Албанија, ја потврдиле можноста за значително откривање нафта.
Економија
Германија се подготвува за тешка криза, Шолц воведува мерки: „Нѐ чекаат тешки години“

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги подготвува граѓаните на Германија за натамошни поскапувања. „Сегашната криза нема да заврши за неколку месеци“, изјави социјалдемократскиот политичар (СПД) на почетокот на таканаречената заедничка акција со највисоките претставници на работодавците и синдикатите во кабинетот на канцеларката, пишува „Дојче веле“.
„Војната во Украина и нарушените синџири на снабдување поради пандемијата на коронавирусот создадоа општа неизвесност. Мора да се подготвиме за фактот дека оваа ситуација нема да се промени во блиска иднина. Германија се соочува со историски предизвик“, порача Шолц.
Целта на овој прв од серијата состаноци е да се најдат инструменти за потиснување на растот на цените. Резултатите ќе бидат познати дури наесен.
„Како држава добро ќе ја поминеме оваа криза само ако се здружиме, ако најдеме решенија заедно, рака под рака. Општеството е многу посилно отколку што понекогаш се претпоставува. Пораката што ми е важна е дека мора да се држиме заедно“, рече канцеларот.
Економија
Шпаркасе банка преку платформата Sparkasse Life– поддржувач на настани од културно значење

Од 1 до 3 јули во Дојран, по 12-ти пат се одржа музичкиот фестивал „Д Фестивал“, на кој учествуваа многубројни реномирани домашни и светски музички имиња, а Шпаркасе банка во согласност со својата стратегија за корпоративна општествена одговорност беше поддржувач на фестивалот во рамките на платформата Sparkasse Life.
За време на фестивалскиот викенд, тимот на Шпаркасе банка имаше можност да ја почувствува убавата фестивалска енергија и атмосфера, но и да се дружи со посетителите на фестивалот во забавниот Sparkasse Life корнер и да им ја пренесе силната порака да веруваат во себе и во своите креативни способности, да се надградуваат и да ја движат заедницата напред. Токму Банката, свесна за значењето на музичките настани како овој врз целокупниот културен живот во нашата земја, но и препознавајќи ја потребата од поддршка на младите луѓе и целокупната уметничка сцена во државава, ја креираше платформата Sparkasse Life.
Преку платформата Sparkasse Life, Шпаркасе банка интензивно ќе поддржува иновативни проекти, поединци и групи што ја движат заедницата напред и на тој начин силно ќе ги бодри младите луѓе, кои се иднината на оваа земја.
Јули е во знакот на Sparkasse Life, па освен „Д Фестивал“, Шпаркасе банка ќе даде поддршка и на уште две значајни културни манифестации: Фестивалот на европски филм Cinedays, кој ќе се одржи од 7 до 14 јули, и фестивалот Охридско лето, кој ќе се одржи од 12 јули до 20 август во Охрид.
Освен активности поврзани со музика, концерти, културни настани и развој на уметноста, платформата „Sparkasse Life“ вклучува и активности поврзани со заштита на животната средина, спортски настани, промоција на навики за водење здрав живот и поддршка на спортот и младите таленти. Понатаму, содржани се сите сегменти што се од најразлични области на живеење, а се однесуваат на образование, здравство, ранливи и маргинализирани групи, како и донациите и активностите во сите споменати области.
Банката останува силно посветена на визијата да биде водечка банка по квалитетот на услуга, задоволството на клиентите и ангажираноста на вработените, па затоа ги охрабрува сите да бидат мотивирани и секогаш да посакуваат нешто подобро за себе, да бараат додадена вредност и квалитетна услуга и секогаш мудро да одбираат! Да веруваат во себе затоа што имаат банка што верува во нив.
ПР-текст