Економија
Градежната комора – РЕК: Објектите да се загреваат со енергетски ефикасни уреди
Градежната комора на Македонија поддржува измени на законската регулатива, кои ќе значат подобрување на квалитетот на градба и ќе придонесат за заштеда на енергија и примена на повисоки стандарди за заштитата на животната средина. Овој став претставниците на Градежната комора го соопштија на денешната средна со Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РЕК), на која се разговараше за измените на Законот за градењето во делот дополнување на издавањето на одобрението за градба со информација за начинот на греење на објектот.
„Сериозните градежни компании во реализација на своите инвестиции ги следат најновите трендови и градат според современи стандарди за енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Во таа насока поддржуваме измени на законската регулатива, кои ќе придонесат за создавање подобри услови за домување, од што ќе имаат придобивки граѓаните, но и заедницата пошироко. Со денешната средба се вклучуваме во дебатата што ја отвори Регулаторната комисија за енергетика, во кој преку поширок процес на размена на мислења ќе треба да се утврдат условите под кои ќе се регулира прашањето за загревањето на објектите во фазата на добивање градежна дозвола, со што ќе се добијат однапред мапирани региони“, изјави Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора.
Тој истакна дека следејќи ги прописите регулирани во Законот за енергетската ефикасност, во објектите што се градат намалена е потрошувачката на енергија шест пати, а сега се оди чекор понатаму, односно и уредите што се инсталираат во домовите за загревање да бидат енергетски ефикасни, односно да трошат помалку енергија.
Од Градежната комора сметаат дека при носењето одлука по ова прашање треба да има инклузивен процес во кој при избор на решението ќе се почитуваат интересите на граѓаните, ќе се овозможи претпријатијата што се на директен или индиректен начин засегнати да продолжат да работат и ќе се спречи создавање монополски позиции на пазарот.
РКЕ предлага во законските прописи од областа на градењето да се предвиди обврска објектите што се градат да се приклучуваат на организиран систем на топлинска енергија таму каде што има таков систем. Ослободување од оваа обврска може да има доколку инвеститорот покаже дека има друг енергетски поефикасен систем за греење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

