Економија
Грчките бизниси со загуби од скоро 35 милијарди евра
Сите грчки компании, не само оние кои беа принудени да се затворат за време на блокадата, претрпеа загуби на приходите од речиси 35 милијарди евра помеѓу јануари и септември минатата година. Ова го покажуваат најновите податоци објавени од Грчкиот завод за статистика (ЕЛСТАТ).
Овие загуби се очекува да бидат уште поголеми во четвртиот квартал од годината, барем во споредба со првиот и третиот квартал – период што традиционално се карактеризира со зголемена потрошувачка, пренесе БГНЕС.
Податоците за прометот во ноември, го одразуваат шокот предизвикан од втората блокада, особено во секторите за малопродажба и рестораните. Трговијата на мало, која беше прекината од 7 ноември, забележа пад на прометот од 38,5 проценти во ноември во споредба со ноември претходната година.
Угостителството, кое е суспендирано од 3 ноември, забележа пад на прометот за 54,1 отсто во ноември во споредба со истиот месец во 2019 година.
Покрај тоа, податоците покажуваат дека грчките компании забележале вкупен промет од 193,84 милијарди евра во првите три квартали од 2020 година, во споредба со 228,68 милијарди евра во соодветниот период во 2019 година – разлика од 34,84 милијарди евра.
Вкупниот промет во третиот квартал на 2020 година изнесува 69,80 милијарди евра во споредба со 82,91 милијарди евра во третиот квартал од претходната година – пад од 15,8 проценти. Ова намалување е значајно не само затоа што има дупка од 13,11 милијарди евра, туку и затоа што демонстрира силно влијание врз економијата и бизнисот, имајќи предвид дека во третиот квартал имаше само некои локални блокади и тие не беа многу долги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

