Економија
Денот на инвеститорите на НЛБ ги собра светските инвеститори, аналитичари, финансиски експерти и клучните бизнисмени од регионот

„Добредојдовте во нашиот дом, добредојдовте во регионот на можности“, беше клучната порака на првиот „Ден на инвеститорите“ на НЛБ д.д што се одржа вчера во Белград и кој привлече повеќе од 150 инвеститори од целиот свет, финансиски експерти, аналитичари, извршни директори на клучните компании од регионот, како што се: Атлантик Груп, МК Групација, Петрол, Фортенова, Алкалоид АД Скопје, Делта Холдинг, Комтрејд систем интегрејшн (Comtrade System Integration) и многу други кои ги пишуваат успешните приказни за овој регион.
НЛБ го започна патувањето за подигнување на свесноста и препознатливоста на регионот кај светските инвеститори со котација на акции на берзите во Љубљана и Лондон од ноември 2018 година, но денес нашата цел е поголема, објасни извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, поздравувајќи ги гостите на настанот.
„Покрај тоа што се претставивме себеси и нашите стратешки приоритети, поканивме и угледни говорници и панелисти да ги споделат со нас своите ставови, искуство и ентузијазам и да покажат дека нашиот регион навистина е полн со можности и тој, час поскоро ќе го добие заслуженото внимание и уште попродуктивни инвестиции, притоа задржувајќи ги нашите најталентирани луѓе овде“, објасни тој.
Меѓу другите на настанот се приклучија и главниот финансиски директор на Петрол, Матија Битенц, потпретседателот на МК Групацијата и член на Управниот одбор на банкарската групација АЕК Банкинг Груп (Australian Economic Consultants), Александар Костиќ; извршниот директор на Comtrade System Integration, Душан Милиќевиќ; извршниот директор на Фортенова, Фабрис Перушко; членот на Извршниот одбор на Делта Холдинг, Андреј Совровиќ; на Атлантик Групата Емил Тедески и извршниот директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов кои го споделија своето мислење за регионот на Југоисточна Европа како регион на можности.
„Докажуваме дека бизнисот ниту познава, ниту прифаќа граници, бидејќи ги собравме лидерите на некои од најзначајните бизниси од четири земји во регионот, кои делумно се и конкуренти. Искрено веруваме дека единствениот соодветен одговор на сè поголемиот јаз е поврзувањето и соработката“, нагласи извршниот директор на НЛБ.
Неговите размислувања ги повтори и Марко Чадеж, претседател на Трговско-индустриската комора на Србија, кој нагласи дека обединет регион може да направи чуда. Според него, регионалната соработка е адекватен одговор на идните предизвици. „Можеме да ја искористиме можноста за привлекување нови странски инвестиции на најдобар начин само ако работиме заедно, ако работиме како еден регион, една економија, како заеднички регионален пазар и единствена дестинација за инвестирање“, нагласи тој.
Претседателот на Трговско-индустриската комора на Србија ја истакна и важноста на меѓусебната поврзаност во економските интеграции, што е нешто што Ричард Гривсон, заменик директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, исто така го гледа како одлична можност за регионот. Тој смета дека регионот на Југоисточна Европа е многу флексибилен и со голем потенцијал, особено во однос на пристапувањето во ЕУ.
НЛБ се приклучи на „Нулта банкарска алијанса“ (Zero Banking Alliance)
За време на првиот „Ден на инвеститорите“, Управниот одбор на НЛБ д.д. ги презентираше деловните резултати на НЛБ Групацијата од првиот квартал од 2022 година. Дополнително, НЛБ д.д. се приклучи на финансиската иницијатива на Програмата за животна средина на Обединетите нации, наречена- Нулта банкарска алијанса (United Nаtions Environment Programme Finance Initiative Net Zero Banking Alliance ) која обединува банки ширум светот чии активи претставуваат над 40% од глобалните банкарски средства, a кои се посветени на усогласување на нивните кредитни и инвестициски портфолија со нето-нула емисии до 2050 година.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________